СТРУМИЦА

Деновиве започна пролетното чистење на дивите депонии на територијата на Општина Струмица, и тоа од најголемата, на влезот во населеното место Банско. Бранко Георгиев, раководител на Секторот за комунална хигиена при ЈПКД „Комуналец“, информира дека во наредните два-три месеци, паралелно со чистењето на дивите депонии, ќе биде спроведено и генерално чистење на градот и населените места, како и собирање кабаст и електронски отпад од домовите на граѓаните.
– Во изминатата 2020 година исчистивме 27 диви депонии, сега, според последните информации од терен, има околу 21 дива депонија, истите депонии што беа исчистени во 2020 година, сега пак се повторуваат. „Комуналец“ започнува со пролетното чистење на дивите депонии и денес се наоѓаме на влезот пред населеното место Банско и можам да кажам дека тука се наоѓа најголемата дива депонија на територијата на Општина Струмица. Тука има градежен шут, комунален и растителен отпад и можам да кажам дека оваа депонија е срам за ова туристичко место и затоа почнавме од оваа локација, а во следниот период продолжуваме во сите населени места – рече Георгиев.
Паралелно со ова, во следните два-три месеци, ЈПКД „Комуналец“ направило агенда за генерално чистење на населените места и градот. Покрај одржувањето на јавната комунална хигиена, ќе се спроведе и акција за собирање кабаст и електронски отпад од домовите на граѓаните, за што граѓаните од градот и населените места навремено ќе бидат информирани за времето и локацијата на која ќе се собира таквиот отпад.