РЕСЕН

Неодамна започна обновата на патниот правец Ресен – Охрид, од делницата од Отешево до приклучувањето на патот Охрид – Св. Наум, преку националниот парк Галичица. Ова, освен што треба да го подобри патното поврзување меѓу двата града, треба да овозможи да се добие современа патна инфраструктура што ги поврзува двата најзначајни туристички центри во земјата – охридскиот и преспанскиот. Во Македонија во тек се интензивни градежни работи на автопатните решенија и на експресните делници, на реконструкција на голем број магистрални и регионални патни правци. Со оваа обнова, преку Галичица, туристите и рекреативците ќе добијат лесен пристап до убавините и потенцијалите на питомите предели на планината за активности, како што се планинарењето, планинскиот велосипедизам, параглајдерството и другите рекреативни активности и адреналински спортови.

Првата фаза е делницата на патниот правец од Царина Отешево до превојот на Галичица во должина од 14,9 километри. Вредноста на инвестицијата на оваа делница изнесува 60 милиони денари, по што ќе продолжи и реализацијата на втората фаза од превојот на Галичица до приклучувањето на патниот правец Охрид – Свети Наум во должина од 15 километри, за што се предвидени уште 60 милиони денари.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во својата изјава го издвои фокусот на Владата на унапредување на патната мрежа, како предуслов за економски развој на градовите, особено во места каде што туризмот има огромно влијание, како што е тоа случајот со Ресен.
– Овој патен правец претставува една туристичка атракција за сите домашни и странски туристи што поминуваат низ овој Преспанско-охридски Регион. Веруваме дека со оваа инвестиција ќе привлечеме нови странски и домашни туристи, кои ќе ги посетат овие прекрасни пејзажи и туристички понуди што ги нудат нашата земја и овој регион – истакна министерот Бочварски.

Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, потсети дека овој патен правец, кој се обновува по повеќе од 50 години, и неговата ревитализацијата се од огромно значење за Преспанскиот Регион и е причина плус туристите да ги посетат Преспа и националниот парк Галичица и преку целата година да уживаат во недопрената природа.