Прилеп
Изградба на нов мост на Градска Река и асфалтирање улици низ градот се главните инфраструктурни активности што ги реализира Општина Прилеп. Од локалната самоуправа велат дека веднаш по завршувањето на тендерските постапки и техничките подготовки, во населбата Сточен Пазар, битолската фирма „Стентон градба“ започна со изградбата на мостот на Градска Река.
– Мостот ќе биде со должина од 24 метри и ширина од 22 метри. Ќе има четири коловозни ленти, секоја со широчина од 3,5 метри. Од двете страни ќе има пешачки патеки широки 2,5 метри и велосипедски патеки од по 1,5 метар. Изградбата на мостот ќе трае околу пет месеци, а Општина Прилеп издвои 35 милиони денари. Прилеп ќе го добие најголемиот и најубав мост – вели градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.
Мостот ќе биде граден со техника на колови и ќе ги има 76 на број, а ќе бидат длабоки 13 метри и со дијаметар од 80 сантиметри. По изградбата на мостот, Општина Прилеп ќе започне со реконструкција на улицата Трајко Николоски, на која се наоѓа и мостот.
– Во моментов се врши фундирање на објектот, што претставува најпроблематична фаза во изградбата на сите мостови, по што почнува градењето на конструктивните работи, кои се одвиваат со побрза динамика. Овој мост е проектиран и дизајниран според најсовремените европски прописи. Сите други мостови се работени според стари норми – вели Тоде Јовески, кој е задолжен за надзор над градежните работи.
Изградбата на новиот мост, велат од Општината, е само дел од градежните активности во градот, бидејќи истовремено се одвива и реконструкцијата на булеварот Гоце Делчев. Планирано е да се реконструираат повеќе улици, меѓу кои и Андон Слабејко, Војводинска, Самуилова и многу други.
Градежните екипи започнаа со асфалтирање на првата од двете коловозни ленти од улицата Самуилова, кои ќе бидат обновени со нов слој асфалт во вкупна должина од 1,4 километар. Двете коловозни ленти на оваа улица се широки по шест метри. Паралелно, на Војводинска се работи на отстранување на стариот слој и се прават неопходните подготовки за асфалтирање на коловозот во должина од 700 метри. Двете улици што ја поврзуваат населбата Точила со преостанатиот дел од градот, беа во исклучително лоша состојба и со голем број ударни дупки. Овие градежни активности се дел од Програмата за инфраструктурно уредување на градот и на населените места.