ГЕВГЕЛИЈА

На листата со уредени краци во Гевгелија, преку пролетната акција на Општина Гевгелија за подобрување на локалната патна инфраструктура, се запишаа и крак од улицата Никола Карев и два крака од улицата Кожув. Трите крака се бетонирани, а градежните активности ги изврши фирмата „Мансард“.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, истакна дека со завршувањето на градежните активности за бетонирање на овие помали улички, граѓаните што живеат наоколу и секојдневно минуваат низ нив добија соодветни услови за приод. Состојбата на овие краци, пред бетонирањето, беше значително лоша – по обилните дождови, граѓаните газеа во вода и кал.
– Според планот за подобрување на локалната патна инфраструктура во 2021 година, градежната фирма „Мансард“ наредниов период ќе работи на помалите улици и краци во населените места. Така што годинава патната инфраструктура значително ќе биде подобрена – истакна Поцков.
Инаку, во стопанската зона Ракита привршуваат градежните работи за бетонирање, со поставувањето на бетонските рабници на трите пристапни патишта. Откако ќе бидат поставени, ќе следува асфалтирање во изведба на градежната фирма „Топ билд“, која, годинава, ќе биде задолжена за асфалтирањето на улиците во општината Гевгелија.