РАДОВИШ

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски неодамна ја посети Општина Радовиш, каде што оствари работна средба со градоначалникот на општината Герасим Конзулов. Бочварски, градоначалникот Конзулов и директорот на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта, Беким Мемеди, извршија увид во реконструираниот регионален пат од Радовиш до Плачковица.
Патниот правец, кој е во должина од 19 км, се реконструира преку ЈП за одржување на магистралните и регионални патишта, за што се инвестирани над 100 милион денари. Министерот Бочварски и градоначалникот Конзулов денеска го потпишаа и договорот за реконструкција на локалниот пат што ги поврзува населените места Прналија и Супурге. Инвестицијата е во вредност од 20 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски, во рамките на проектот „Поврзување со локални патишта со општините“.
– Го означуваме завршувањето на овој патен правец до Плачковица. Со асфалтирањето на последната делница од околу пет километри, практично целосно ја завршуваме обновата на патниот правец од Радовиш кон планината Плачковица. Со тоа овозможуваме континуиран развој на планинскиот туризам во регионот. Овој проект е од големо значење за сите граѓани на општината, но и од целата држава, кои ги посетуваат природните убавини на Плачковица – изјави Бочварски.