Под мотото „Струмица и Струмичко против рудникот на смртта“ денеска во Струмица се одржа протестен марш против отворањето на рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“.
Учесниците на маршот тврдат дека нема да дозволат отворање на рудник бидејќи тоа ќе влијае на нарушување на целокупната еко рамнотежа во Струмичкиот регион.
– Се собравме денес да го искажаме нашиот револт пртив отворањето на овој рудник. Нема да дозволиме да се отвори рудник – рече Мите Белмезов, учесник на протестот.
Костадин Ристоманов од Здружението „Здрава Котлина“, организатор на протестниот марш, изјави дека се тука за да ја охрабрат Владата да донесе одлука за раскинување на договорот со концесионерот.
– Јас се надевам дека Владата ќе постапи како што очекуваат сите граѓани – рече Ристоманов.
На протестот учествуваше и претседателката на партијата ДОМ, Лилјана Поповска.
– Треба да се затвори рудникот бидејќи не може да се гради рудник во плодните струмички полиња. И не треба да се манупилира со фактот дека рудникот може да се отвори оти немало да користи цијанид. Но, и да нема цијанид сепак тоа е рудник. Тоа е тешка загадувачка индустрија. Дали после тоа некој ќе сака да купува струмички домати во кои ќе има тешки метали – рече Поповска.
Протестниот марш, кој се одвиваше по улиците на Струмица, протече мирно и без инциденти, а заврши пред седиштето на концесионерот на Рудникот „Иловица-Штука“, компанијата Еуромакс ресоурсис“.
По завршувањето на протестниот марш со реакција се огласија од компанијата „Еуромакс ресоурсис“. Оттаму велат дека Рудникот за бакар и злато е целосно безбеден за животната средина и здравјето на граѓаните и е пример за одговорно и модерно рударство.
-„Еурмакс ресоурсис“ одговорно тврди дека рудникот за бакар и злато во Иловица-Штука ќе се развива согласно највисоките стандарди за животната средина, согласно законите во Република Македонија и највисоките меѓународни принципи. Проектот се развива во соработка со сите релевантни институции во Република Македонија на локално и национално ниво и ќе донесе бенефит за локалната и националната економија. Во изработката на студиите и сите потребни документи за развој на проектот работеа реномирани домашни и интернационални експерти кои со својата експертиза гарантираат за безбедност на проектот – реагираат од компанијата концесинер.
Додаваат дека нивните реномирани акционери, меѓу кои и Европската банка за обнова и развој како најголем поединечен акционер, бараат запазување на дополнителни критериуми за заштита на животната средина и над барањата на домашното законодавство.
– Имајќи ја предвид загриженоста на заедницата, одлучивме да не користиме цијанид во постапката, иако оваа постапка е целосно безбедна, а нема да се користи ни сулфурна киселина. Ќе користиме само процес на флотација, кој веќе се користи во Македонија и е целосно безбеден процес – дополнуваат од „Еуромакс ресоурсис“.
Во реакцијата меѓу другото стои дека компанијата ќе продолжи да работи на транспарентен начин со локалното население и со сите институции и организации. Велат дека отпочнале и дијалог со граѓанските здруженија се со цел да излезат во пресрет за давање на сите потребни информации на заинтересираните групи за да можат да ги темелат сите ставови на факти и вистини.