Синоќа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола, пред битолчани беше промовирана кампањата за заштита од пожари на отворен простор и шумски пожари на територијата на цела Република што ја организира Дирекцијата за заштита и спасување.
Кампањата за намалување на ризиците од пожари на Дирекцијата за заштита и спасување, која ќе ги опфати сите градови во државата се одржува од 15 јули и ќе трае до 15 август оваа година.
Едуцирањето на населението за намалување на заканите од пожари е со помош на едукативен прирачник и постери со чекори за заштита во случај на шумски пожари, како и демонстрација на работата на тимовите за интервенција.
– Целта на оваа кампања не е само да се делува превентивно, туку и едукативно, преку подигнување на свеста на населението за сите можни ризици што пожарите ги носат како катастрофа, бидејќи влегуваме во таканаречен критичен период во годината за појава на пожари на отворен простор – велат од Дирекцијата.
Од таму додаваат дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство веќе се преземени превентивни мерки, од март, донесена е забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП Национални шуми. Забраната ќе трае до нејзино отповикување. Намалувањето на заканите од пожари е само најава за низата кампањи кои ќе се водат под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“, а ќе вклучуваат кампања за намалување на последиците од поплави, земјотреси и други катастрофи предизвикани од природата и човекот. Една од поважните проекти на кој работи тимот на експерти при Дирекцијата за заштита и спасување е изготвување на семејниот прирачник кој ќе биде промовиран оваа есен.
М.М.