ГЕВГЕЛИЈА

Започна пролетната акција на ЈПКД „Комуналец“ во Гевгелија за одржување, уредување и пошумување на јавните паркови и зелените површини во градот и населените места. Така, по обновувањето на дрворедите на улицата Маршал Тито – Гевгелија и булеварот Гевгелија, одговорните за паркови и зеленило работеа на паркот кај железничката, познат како „Виолета парк“. Засадени се нови дрвја и грмушести растенија, а обновена е и тревната површина.
Истовремено, „Комуналец“ продолжува со работа за збогатување на просторот веднаш под мостот над Мрзенска Река. На површината, каде што претходно се фрлаше див комунален отпад, посадени се половина од планираните 200 зимзелени дрва.

Така што акцијата за раззеленување на просторот ќе продолжи и во текот на наредните денови.
– Пролетната акција, која се одвива во согласност со општинската програма за уредување на зелените и јавните површини, продолжува да се одвива и на преостанатите локации во градот и населените места. Имено, во населеното место Богородица, минатиот викенд месната заедница спроведе екоакција за збогатување на просторот околу тревното игралиште. На акцијата доброволно учествуваа голем број жители на Богородица, кои посадија 60 дрвја канадски тополи. Како што истакнаа од Месната заедница, целта на овие екоакции е да им се даде пример на помладите генерации за тоа како се сака и чува природата – велат во Општината.