ДЕЛЧЕВО

Одбрани се 30 приоритети за решавање во рамките на трите сесии од онлајн форумот во заедницата што се организираше во Делчево, како дел од проектот „Низ женски леќи: покревање политики и буџетски иницијативи, следење на локалните акциски планови за родова еднаквост“. Како што информираат во Општината, форумот бил во организација на Општина Делчево и Центарот за истражување и креирање политики, Лулуди, Рурална коалиција, Новинари за човекови права и ЕХО-Штип, а во него активно се вклучија педесетина граѓани на Делчево, претставници од Општина Делчево и Комисијата за еднакви можности, претставници од институции и граѓански организации.
Целта на реализацијата на форумот во заедницата беше идентификување на специфичните потреби и приоритети на граѓаните од сите групи во Општина Делчево, за обезбедување услови за приоретизирање на програмите и проектите, како и истовремено подобрување на структурата на програмите во Општината – велат во Општината.
Љупка Трајановска од Центарот за истражување и креирање политики истакна дека одбраните приоритети, имплементирачките организации ќе ги застапуваат пред Општината.

Општина Делчево е првата општина каде што започнуваат форумите, во чии рамки ги мобилизиравме граѓаните за да можеме да ги слушнеме нивните потреби и приоритети. Сите проекти ќе бидат преточени во предлог-политики и буџетски иницијативи што во наредниот период ќе ги застапуваме пред општините, за креирање приоритети и остварување на дел од нив – истакна Трајановска.
Според Сузана Петровска, координаторка на Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево, со реализацијата на овој форум се добива јасна слика кои се приоритетите на мажите и на жените во Делчево.
Нашите очекувања се остварени во целост, најпрво од бројноста од учеството на граѓаните на форумите и од приоритетите и решенијата што ги нотираа граѓаните. Ние ќе се потрудиме да ги прифатиме сите предлози од овој форум во нашите програми и се надевам дека со буџетот за следната година барем половина ќе бидат реализирани – кажа Петровска.
Одржувањето на овој форум на заедницата е дел од активностите и политиките и на Општина Делчево за поголема вклученост на граѓаните во креирање на програмите и политиките на Општината и поттикнување на граѓанскиот активизам, во насока на градење транспарентна општина.