По четири и пол години пробиен е првиот од двата тунели под превојот Пресека на автопатот Кичево-Охрид, најдолгиот друмски тунел во земјава, со вкупна должина од 1996 метри. Работите во изградбата на овие тунели ги изведува кинеската компанија „Синохидро“, која е и главен изведувач на целиот автопат.

Денес и официјално ќе биде одбележано пробивањето на првиот тунел под превојот Пресека, кој е дел од автопатот Кичево-Охрид. Почетокот на работите на овој тунел започнаа во мај 2014 година и по нешто помалку од четири и пол години пробиен е најдолгиот друмски тунел во земјава, со вкупна должина од 1996 метри.

Пробивањето на овој тунел го изведе кинеската компанија “Синохидро“, главниот изведувач на автопатот Кичево-Охрид, компанија која е целосно ангажирана и во пробивањето и на втората тунелска цевка под овој превој, која ако дозволи времето треба да биде пробиена во наредните неколку месеци. Вкупната должина на двете тунелски цевки изнесува 4011 метри, при што левата тунелска цевка во правец кон Охрид е подолга за 15 метри. Инаку тунелите под Пресека се првите што се пробиени на европскиот континент од страна на кинеската компанија „Синохидро“ и овие тунели се дипломска работа за кинеската компанија, која веќе е ангажирана и на нови проекти од овој вид, пред се во Србија, но и во и други земји. Ако се земат во предвид сите тунели во земјава, тогаш почесто место му припаѓа на железничкиот тунел под планината Буковик на релацијата Гостивар-Кичево, кој е со должина од близу 8000 метри, кој своевремено беше и балкански рекордер по својата должина, изграден во 1969 година од страна на белградската компанија „Тунелоградба“.

З.А.