Уште една паралелка од насоката Техничар за Индустриска Мехатроника почнува со пракса во германската компанија „Кромберг и Шуберт“ во рамките на Дуалното образование. Денеска беа потпишани договорите за извршување на практична работа помеѓу компанијата „Кромберг и Шуберт“ и учениците кои завршија прва година на насоката техничар за Индустриска мехатроника при средното техничко училиште СОТУ „Ѓорги Наумов“ од Битола.

Инаку да потсетиме, компанијата се приклучи кон моделот на Дуално образование во 2018 година, придонесувајќи да се оформи новата насока за техничар за Индустриска Мехатроника. Разликата помеѓу моделот на Дуално образование и класичното образование е тоа што учениците од оваа насока почнуваат со посета на практична настава кај работодавач од втора година средно образование.

Изминатата учебна година веќе се спроведе практичната настава во компанијата за учениците кои беа втора година со тоа што еден ден во неделата учениците го поминуваа во посебно опремениот кабинет по Мехатроника во склоп на компанијата.

Вкупно десет нови практиканти ќе почнат со посетување на феријална пракса во наредните две недели, додека учениците од паралелката која заврши втора година веќе посетуваат феријална пракса под раководство на посебно обучени ментори и заедно со техничарите од компанијата активно се вклучени во одржувањето на тест-масите во производствениот погон. Ова е одлична можност за учениците да можат практично да се запознаат и да ги продлабочат веќе стекнатите знаења. Секое теоретско стекнато знаење го добива своето значење кога истото и практично се применува, се велат од „Кромберг и Шуберт“.

М.М.