Кичево
Пандемијата на ковид-19 се одрази во сите сфери на општеството и голем дел од веќе договорени аранжмани за бањско-климатска рекреација на пензионерите не успеа да се реализира поради проблемите со невидливиот непријател. Годинава пензионерите со пензии до износ од 14.000 денари, кои требаше да ја искористат можноста од шест полни пансиони бањска терапија и задолжителен преглед на т.н. бањско-климатска рекреација, ќе останат дома. Оваа година во Кичево од Здружението на пензионери за оваа мерка се пријавија над 200 најстари жители на општината, од кои на 41 пензионер им беше дадена можност да заминат на бањско-климатска рекреација во некоја од бањите во земјава. Но поради веќе актуелниот коронавирус во земјава, засега пензионерите нема да можат да ја искористат таа поволност, но треба да знаат дека апликацијата нема да им пропадне.
– Иако на бањско-климатска рекреација во Дебарски Бањи требаше да заминат 41 пензионер од нашето здружение, сепак, поради добро познатите проблеми што ги создаде пандемијата на коронавирусот, овие аранжмани се откажани и кандидатите за оваа тура во скоро време нема да ја искористат оваа поволност, која им ја понуди Министерството за труд и социјална политика.
Сепак, нивната апликација за бањска рекреација нема целосно да пропадне, бидејќи откако ќе се нормализираат состојбите и ќе се минимизираат проблемите со коронавирусот, тие ќе ја искористат оваа поволност да се рекреираат во некоја од македонските бањи, а нашите пензионери тоа претежно го прават во Дебарски Бањи и во бањата во Катланово – истакна Неџбудин Рамадани, раководител на Подрачното одделение на ПИОМ во Кичево.
Инаку, оваа можност пензионерите во земјава ја користат десетина години и во тој период голем број кичевски пензионери уживале во оваа поволност.