Асфалтираниот пат што води до манастирот е долг 5,5 километри

Прилеп

Манастирот „Св. Никола“ во Прилеп конечно стана подостапен за посетителите, откако до него е изграден нов пат. Патот од селото Волково, преку населеното место Прилепец, води до манастирот и има должина од 5,5 километри. Тој е дел од трите проекти на општината што беа доставени до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Од Општина Прилеп велат дека овој пат ќе придонесе манастирот да биде подостапен, додека од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој истакнуваат дека со овој пат се подобруваат условите за живот и престој во руралните средини. Манастирот „Св. Никола“ се наоѓа на оддалеченост од над десетина километри од градот. Сместен е во убава природа, во прегратките под планината, само на неколку километри од селото Прилепец, во кое сега живеат само неколку семејства. Сега таму ќе се стигнува брзо и лесно со возило. Манастирот некогаш бил природна воздушна бања. По патот додека се искачуваш, ако одиш пеш, го вдишуваш чистиот воздух. А ако патуваш со автомобил, сепак не можеш да не се воодушевиш од фантастичната природа. Зеленило што ги полни очите. Милина за душа.

На влезот на манастирот се наоѓа познатата светонеделска чешма. Со години се пренесува од многубројните посетители дека водата од чешмата е лековита. На средината се издига малата црквичка, која се капе во претпладневното сонце, а наоколу зеленило. Сега тука живеат една повозрасна жена, која е домаќинка во манастирот, и сточари што се грижат за одгледување поголемо стадо овци, кои се сместени во трлата над манастирот.

Последните години членовите од одборот на манастирот се грижат за неговото одржување, за средување на неговата околина. Манастирот е изграден во 1872 година. Го носи името на светецот Никола. Некогаш тука, во поранешната држава, се организирала и обука за народна одбрана. Подоцна го одржувале дограмаџиите, па самарџиите…

За време на Втората светска војна манастирот им бил засолниште на партизаните. За тоа сведочи и споменичното обележје, кое е малку десно од манастирот, а е посветено на деветмина загинати партизани, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.

Во конакот има петнаесетина соби. Кога има празници, во манастирот е преполно. Така беше и изминатиов викенд.

Има легенда поврзана со овој манастир. Имено, станува збор за легендата за коњаникот, според која на врвот Коњаник над Прилепец имало кладенец, езеро за кое жителите на селото раскажувале дека имало многу вода. Селаните ја запирале затворајќи го езерото со волна. Некој овчар изрезбарил стап и го пуштил во кладенецот. Стапот бил пронајден во Егејско Море, се вели во преданието за кое раскажувале селаните и го пренесувале од колено на колено.