Секое решение треба да се прифати. Но немаме услови за одвивање онлајн-судења. Покрај тоа што немаме техничка опрема, има и друг проблем, а тоа е што во Законот за кривична постапка предвидено е непосредно присуство на судењата. Значи тешко ќе биде изведбата на онлајн судењето, иако за мене е прифатливо било кое решение што би резултирало со добри резултати. Ова го изјави судијата Зоран Стеваноски, претседател на Основниот суд Прилеп на денешниот брифинг со новинарите, одржан по повод 25 октомври Меѓународниот ден на правдата.
Прилепскиот суд, кој има проширена надлежност во ова време на корона криза се соочува со мала неажурност, пред се заради отсуство на странки, отсуство на вработени и недостиг од судии. Имено во Судот работат 14 судии од потребните 18-19, од кои седум работат во кривичниот оддел, шест во граѓанскиот оддел, плус претседателот.
– Ни фалат судии, особено во кривичниот оддел и во прекршоци. Тоа започна да се одразува врз работата на судот. Почнуваме да не го совладуваме приливот на предмети заради сите овие причини и да покажуваме мала неажурност – вели судијата Стеваноски, претседател на прилепскиот суд.
Моментално во Судот има 243 предмети постари од две години кои чекаат правда заради неприсутност на обвинети, заради доцнење на вештачења и необезбедени услови за одржување на судења.
Во овие девет месеци има нерешени 300 предмети во граѓанскиот оддел, односно 400 во кривичниот.
Инаку, финансиски состојбата во Судот е добра и се исплаќаат обврските, но како ќе се одвиваат натаму работите со корона вирусот ќе зависи и работата на Прилепскиот суд.
Ка.М.