Како дел од проектот „Градење инфраструктура за одржлив развој на туризмот”, општина Берово го доби првиот дигитален информативен пункт. Опремата е вредна 9.000 евра и истата е поставена во Музејот на град Берово.
 
На овој начин, според проектниот менаџер Васко Здравковски, општината ќе се обиде да направи нешто повеќе во развој на туризмот и негова популаризација.
 
– Дигиталниот информативен пункт кој е прв од ваков вид во Македонија, содржи информации од областа на културата, природата, се она што моежеме да го видиме и да го посетиме во Берово,информира Здравковски.
 
Ова за Берово, според координаторот на проектот Наташа Каламадевска, ќе значи збогатување на информациите за туристичката понуда во градот.
 
– Туристите ќе можат да го запознаат Берово, да ги видат туристичките понуди и сите манифестации кои се случуваат, истакна Каламадевска.
 
Сличен ваков пункт е поставен и во партнерската општина Сандански со која се реализираше прекуграничниот проект.
 
Туризмот е еден од главните адути на Берово за економски развој на општината. Овој регион годишно го посетуваат околу 10.000 туристи главно од Македонија и соседна Бугарија.