Во село Велмевци, пред споменикот во месноста Черешна, денес беше одбележана 117-годишнината од смртта на големиот војвода Јордан Сиљанов Пиперката, кој на овој ден загинал кај село Цер. Тој по негова желба бил погребан на возвишението над село Велмевци, од каде како на дланка ги гледал Церско поле и демирхисарскиот крај, каде во времето на Илинден и најмногу делувал.
На одбележувањето пред споменикот на Пиперката, букети свежо цвеќе положија делегација на Општина Демир Хисар предводена од градоначалникот Марјанче Стојановски, претставници на повеќе институции од оваа општина, како и почитувачи на животот и делото на Пиперката од Кичево и родното село Козица. Пред присутните градоначалникот Стојановски истакна дека денес се навршуваат 117 години од загинувањето на војводата Јордан Пиперката.
– Народот во него гледал револуционер-борец, кој секогаш бил неразделен од нив, за да ги помага и да ги одбрани од напаѓачите. Затоа сме денес тука да му оддадеме почит и да се присетиме на неговото херојство и непокор – посочи Стојановски.
Потоа општинската делегација го посети и село Брезово, каде положи свежо цвеќе пред куќата-кула, од каде Пиперката водел беспоштедна борба со поробувачот бранејќи го селото .Самата кула и војводата се опеани во песната „Јордан седи на кулата“. Оваа куќа-кула е обновена во 2015 година од страна на Заводот и музеј во Битола и престставува заштитен споменик на културата а била изградена како фортификациски објект за одбрана на Брезово. З.А.