КИЧЕВО

Иако новата учебна година за околу 60 ученици од четврто до деветто одделение во централното основно училиште „Мустафа Кемал-Ататурк“ од селото Пласница почна без соодветното помагало компјутер, сега проблемот е решен. Учениците не беа во можност тековно да ја следат наставата онлајн, но со ангажман на директорот Риза Реџепоски, за овие ученици се обезбедени компјутери и тие, како и нивните врсници, ќе можат да ја следат наставата без тешкотии. Компјутерите ќе останат кај нив сѐ додека наставата се одвива на овој начин, а тоа ќе биде до завршувањето на пандемијата на ковид-19.
– За да немаат проблеми во следењето на онлајн наставата, на 60 ученици од нашето училиште им обезбедивме компјутери, а на тие што немаа им обезбедивме и интернет. На сите ученици што ја следат наставата онлајн им овозможивме тоа да го прават без тешкотии, од дома. Околу 40 компјутери за овие ученици обезбеди Стопанската комора на Турција во Македонија и вреди да споменам дека овие компјутери се нови, а на Комората треба да ѝ бидат вратени исправни по завршувањето на овој вид настава. За преостанатите дваесетина ученици компјутери беа обезбедени од нивни блиски и пријатели, кои, како и во претходниот случај, ќе им бидат вратени на нивните сопственици – истакна Реџепоски.

Во ова основно училиште настава со физичко присуство следат 132 ученика од прво до трето одделение, додека преостанатите 272 ученика наставата ја следат онлајн. Во училиштето во селото Пласница наставниците се обврзани, како и од претходно, редовно да бидат во училиштето, а онлајн наставата да ја изведуваат со новите персонални компјутери што се обезбедени за оваа намена.
– Во нашето училиште наставниците се задолжени наставата да ја одржуваат од училиштето, за што се обезбедени нови персонални компјутери. Тие се обврзани да доаѓаат на училиште кога имаат часови, идентично како и пред пандемијата. Би го истакнал и одговорниот однос на учениците што следат онлајн настава, бидејќи сите редовно се вклучени во платформата и во тој дел немаме отсуства на ученици во интернет наставата. На крајот би додал дека сме презадоволни од сознанието што во нашето училиште барем досега нема инфицирани со ковид-19, како ученици така и наставници, и цело време се почитуваат препораките за заштита од вирусот. Хигиената во училишната зграда е на највисоко можно ниво – рече Реџепоски.