БИТОЛА

Во деновите кога во Битола драстично опаѓа бројот на позитивни лица на ковид-19 и кога бројот на хоспитализираните лица во инфективното одделение во Клиничката болница е буквално преполовен, интензивно се одвиваат работите за поставување на модуларниот ковид-центар за лекување на лицата заболени од коронавирусот.
И покрај врнежливото време во Битола, деновиве мошне забрзано се работи на изградбата на ковид-центарот, кој ќе има капацитет да згрижи на лекување најмалку 90 пациенти.
Модуларниот ковид-центар, освен со средства на Министерството за здравство, се гради и со донации на Општина Битола, како и на јавните комунални претпријатија и на АД ЕСМ.

Во предвидениот рок од три недели, Општина Битола и битолските јавни претпријатија активно беа вклучени во расчистување и рамнење на теренот, по што беше поставен канализациски и водоводен систем од страна на КЈП „Нискоградба“ и ЈКП „Водовод“.
За изградба на модуларната ковид-болница, двете јавни комунални претпријатија донираа по 1.500.000 денари.
Свои средства донира и Општина Битола, која со одлука на Советот издвои вкупно 40.000 евра за изградба на модуларната ковид-болница. За изградба на модуларната болница значајни средства издвои и АД ЕСМ, а тоа се парите што им биле планирани за рекламен материјал за Нова година, во износ од 2.400.000 денари.
Инаку, модуларниот ковид-центар во Битола, кој ќе зафаќа површина од 1.000 квадратни метри, се реализира од страна на Министерството за здравство и Општина Битола, а се состои од поставување три модуларни градби, од кои две наменети за интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар.
Ковид-центарот ќе биде опремен со најсовремени апарати за лекување позитивни лица на ковид-19, а ќе бидат поставени и апарати за кислородна поддршка. М.М.