Министерството за труд и социјална политика и годинава за најстарите жители од земјава организира бесплатна бањско-климатолошка рекреација во една од бањите во земјава. Годинава бројот на пријавени од општина Кичево изнесуваше 195, а од нив 42 пензионери ќе ја искористат оваа можност, седум дена да престојуваат во Дебарски бањи.

– Четириесет и двајца пензионери од Здружението на пензионери од Кичево, годинава ќе ја искористат можноста за бањско-климатолошка рекреација во траење од седум дена. Пензионерите што ќе ја искористат оваа можност мораа да задоволат повеќе критериуми, а меѓу другите да не ја користеле оваа можност во изминатите десет години и пензијата за ноември 2019 година да не е повисока од 20.000 денари. Нашите пензионери во една тура, поточно на 21 април, ќе заминат во Дебарски бањи каде бесплатно ќе престојуваат 6 ноќи, ќе имаат обезбеден полн пансион и ќе имаат и еден задолжителен лекарски преглед. За оваа група пензионери обезбеден е и превоз до бањата и назад до Кичево – рече Ристо Попоски од Подрачното одделение на ПИОСМ во Кичево.

Првпат оваа можност пензионерите од земјава ја искористија во 2010 година.

З.А.