Охрид
Сите основни и средни училишта на подрачјето на Охрид одржаа наставнички совети за да ги потврдат оценките на учениците во третото тримесечје од оваа учебна година. Надлежните информираат дека оваа обврска ја реализираа во согласност со препораките на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука. Следејќи го упатството за оценување на учениците, во петокот сите основни и средни училишта на подрачјето на Охрид ги одржале наставничките совети.
– Оценките на учениците се формирани врз основа на формативните оценки и согледувања на наставникот во текот на реализацијата на онлајн-наставата и оценките што учениците ги имале во текот на првото полугодие и редовната настава. Во согласност со превентивните препораки, наставничките совети се реализираа по електронски пат, преку видеоконференција, без заедничко физичко присуство на наставниците во училиштата. Потврдените оценки на учениците за третото тримесечје треба да бидат внесени во соодветниот евидентен лист и во е-дневник. Евидентните листови ќе бидат доставени до родителите по електронски пат – информираат од Општина Охрид.