Кривогаштани
Изминативе денови во Кривогаштани е извршена дезинфекција на училиштата, градинките, институциите, како и на јавните површини на целата територија. Како што велат надлежните, овие активности се реализираат интервентно поради сериозноста на ситуацијата. Кризниот штаб на Општина Кривогаштани, со кој раководи градоначалникот Рубинчо Шефтероски, веќе утврдил низа мерки и оперативна програма за дејствување против настанатата пандемија од коронавирусот. Определени се дежурни економски оператори што веќе имаат посебни дозволи за вршење мобилна достава на најнеопходните прехранбени продукти до населението за време на забраната за движење. Мерките се преземени за намалување и спречување на опасноста од појава и ширење на вирусот, од кој засега на територијата на оваа општина не е регистриран ниеден заболен.
Оттаму додаваат дека кризниот штаб одржува редовна координација и ја следи состојбата, како и промените што настануваат, почитувајќи ги насоките дадени од надлежните институции.
– Во овој момент во Кривогаштани нема заболени од коронавирусот ковид-19 и состојбата е стабилна. Нема заразени лица благодарение на соодветната организација на жителите, ги почитуваат мерките пропишани од надлежните институции. За ретките прекршувања, МВР-Кривогаштани презема санкции во согласност со своите законски надлежности. Со кризниот штаб сме во преговори за обезбедување просторија што ќе служи како карантин во случај да добиеме заразени од ковид-19. Сакам да изразам голема благодарност до ЈП „Пелагонија“ и до противпожарната единица, со кои имаме одлична соработка – вели Рубинчо Шефтероски, градоначалник на Општина Кривогаштани.
Надлежните информираат дека во изминатиов период се преземени чекори за реализација на повеќе проекти, со кои значително е подобрена инфраструктурата, а населените места Воѓани и Бела Црква се снабдени со вода за пиење. Асфалтирани се улици во населените места Пашино Рувци, Боротино, Подвис, Кривогаштани и Врбјани. Од областа на уредувањето на јавните површини се реализирани проекти за изградба на паркови во населените места Бела Црква и Обршани.
Надлежните уверуваат дека ова се само дел од активностите што се актуелни во општината, со напомена дека во периодот што следува ќе се продолжат со уште повеќе проекти што се во интерес на жителите. Апелираат граѓаните максимално да ги почитуваат мерките за движење и препораките дадени од надлежните, за поуспешно справување со ситуацијата, за што поскоро да се почне со нормално функционирање.