КИЧЕВО
Модуларниот ковид-центар во Кичево ќе биде завршен по Нова година, а ќе биде лоциран во кругот на општата болница. Во рамките на овој центар ќе функционира и тријажна ковид-амбуланта, која се монтира со пари на германската амбасада во земјава. Ова се прави за да има каде да се згрижат пациентите што се со потешки симптоми и се за хоспитализација.
– Во кругот на нашата болница со полна пареа се гради модуларен ковид-центар што ќе биде завршен меѓу првите во земјава. Истиот тој ќе се протега на површина од 1.000 квадратни метри и во него ќе можат да се згрижат од 50 до 60 пациенти. Деновиве на оваа локација се поставуваат контејнерите, операција што ќе биде завршена за десетина дена, по што следува поставување на опремата. Покрај средствата обезбедени од Светската банка, опремувањето на ковид-центарот со 10.000 евра го помогна и ЕСМ, со чии средства ќе биде поставен централен довод на кислород за пациентите, а центарот ќе има и мобилен рендген-апарат и ехо-апарат – информира д-р Станко Трпески, директор на Општата болница во Кичево.
Тој додава дека пуштањето во употреба на кичевскиот ковид-центар ќе овозможи поголем број пациенти да бидат згрижени и соодветно лекувани.
– По завршувањето на пандемијата на ковид-19, модуларниот ковид-центар ќе може да послужи и за потребите на Инфективното одделение, на кое во изминатиот период му недостигаа вакви простории – вели д-р Трпески.
Покрај модуларниот ковид-центар, во кругот на кичевската болница во полн ек е изградбата на тријажна ковид-амбуланта, каде што заболените од овој вирус ќе можат да примаат инфузии и инјекции и ова ќе биде дневна болница за сите лица на кои им е неопходна лекарска помош од овој вид.
– Паралелно со модуларниот ковид-центар, во кругот на нашата болница се гради и тријажна ковид- амбуланта, која најпрво ќе служи за преглед на пациенти, примање инфузии и инјекции за лицата инфицирани од ковид-19.
Амбулантата ќе се протега на површина од околу 180 квадратни метри. Дневно во новата ковид-амбуланта ќе можат да бидат примени од 20 до 30 пациенти. По надминувањето на пандемијата на ковид-19, оваа амбуланта ќе добие и своја трајна намена во служба на здравството. Објектот ќе биде предаден во употреба до крајот на оваа календарска година, кога нашата болница очекуваме да ја посети и амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн – додаде директорот Трпески.
Од почетокот на пандемијата, во Кичево од ковид-19 заболеле вкупно 1.509 граѓани, а активни случаи во моментов има 335.