Започна одржувањето настани во рамки на традиционалната меѓународна манифестација „Денови на Иљо 2018-та“ во организација на Здружението за култура и уметност Иљо Антески Смок.
Свеченото отворање беше во знакот на изложба на карикатура насловена Бегалска криза 2018 од Мирослав Георгиевски Миро. Првиот ден продолжува во Музејот на Комунистичката партија во населбата Два бреста каде се одржува втората традиционална поетска вечер.
-Во останатите денови ќе имаме интернационален фестивал на афоризми, хумор и сатира „Тетовски насмевки 2018“, Први тетовски хорски средби 2018, концерт на Ансамбл на народни песни и игри Зорница од Стара Загора Бугарија, две изложби во Центарот за култура, како и главниот настан Свечен концерт на ЗКУ Иљо Антески Смок на 16 мај- изјави претседателот на здружението, Милорад Ѓорѓески.
По повод манифестацијата на 17-ти мај цвеќе ќе биде положено на споменикот на патронот Иљо Антески Смок во населбата Два бреста. Дел од манифестацијата ќе биде дефиле по градскиот центар на сите фолклорни групи, фолклорен фестивал, драмска претстава и вечер на изворни староградски песни.
А.С