- „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
- „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.
Чучер-Сандево
Жителите на општината Чучер-Сандево, својата доверба на локалните избори му ја доверија на кандидатот на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Сашо Комненовиќ.
Како што истакна тој, фокус на неговото работење во четиригодишниот мандат како градоначалник ќе бидат образованието и локалниот економски развој.
Исто така, Комненовиќ потенцира дека во подготовка е формирање на тимот и подготвување оперативен план за преземање конкретни активности во насока на реализирање на нашата визија за модерна и развиена општина.
Во Советот на Општина Чучер-Сандево, ВМРО-ДПМНЕ има двајца советници, СДСМ и коалицијата тројца советници, ДУИ двајца советници, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива еден советник, еден советник од Група избирачи Горан Русовски, еден советник од Група избирачи Мирослав Славковиќ и еден советник од Група избирачи Стефан Путовски.
Општината Чучер-Сандево се наоѓа на падините на планината Скопска Црна Гора. Изобилува со природни убавини, па токму затоа е првиот избор за прошетка на жителите на Скопје, но и за странските туристи. Недопрената природа е само мал дел од причините поради кои оваа општина е атрактивна за посетителите. Чучер-Сандево е и позната општина по археолошкото наоѓалиште Давина Кула, која е градиште од римско и од доцноантичко време, како и Маркова Кула, некропола од римско време.
Охрид
Охриѓани својата доверба на локалните избори му ја дадоа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Кирил Пецаков.
Тој за „Нова Македонија“ истакна дека како приоритетни проекти во следните четири години ќе биде реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“, за граѓаните да добијат ново уредено катче. Следен приоритет ќе биде ревитализација на Студенчишко Блато, во која е опфатено воспоставување поврзаност помеѓу Студенчишко Блато и Охридско Езеро преку канали, а дополнително просторот ќе биде партерно уреден. Пецаков исто така истакна дека во следните четири години ќе работи и на реализација на велосипедска патека Охрид – Св. Наум, реконструкција на булеварот Македонски просветители, изградба на нов парк и проширување на зелената зона на потегот од споменикот „Ден Долард“ од каналот Студенчишта. Во приоритетните проекти е и изградба на ново и модерно современо основно училиште, катна гаража – локација „Градски пазар“, поставување фотоволтаични панели, училишна спортска сала во с. Лескоец, во ОУ „Ванчо Николески“, како и изградба на нови мултифункционални спортски игралишта.
Во Советот на Општина Охрид има 23 советници, и тоа десет советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, осум советници од СДСМ и коалицијата, двајца советници од ДУИ, еден советник од Левица, еден советник на независната листа „Охрид има план Б“ и еден советник од независната листа „Охрид пред сѐ“.
Охрид е туристичкиот бисер на Македонија. Во летните периоди, сите патишта водат кон овој македонски град. Охридско Езеро, природните убавини, старата архитектура, многубројните цркви и манастири се само дел од понудата што секое лето примамува домашни и странски туристи.
Берово
Звонко Пекевски, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, на неодамнешните локални избори беше избран за градоначалник на Берово во следните четири години.
Како татко на општината, тој потенцира дека има многубројни приоритети, но за „Нова Македонија“ ги издвои петте најголеми на кои особено ќе се фокусира во неговиот четиригодишен мандат. Тој истакна дека ќе работи на рехабилитација на водоводен систем со филтер-станица, а ќе работи и на промена на ДУП и ГУП, со овозможување зона за мало стопанство со поволни можности за нови инвеститори. Пекевски исто така нагласи дека ќе работи на реконструкција и доградба на киносалата и пренамена во младински културен центар, како и на продолжение на градежната експанзија, асфалтирање на најголемиот дел од улиците во Берово и населените места. Приоритет ќе биде и туризмот, кој е стратегиска алка за општината, па поради тоа градоначалникот ќе работи на уредување на голем број спортски терени, летниковци, игралишта, реобновување на кајакарскиот клуб, виртуелен туристички водич, унапредување и зголемување на сите културно-забавни манифестации.
Советот во Општина Берово е составен од седум члена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и осум члена од СДСМ и коалицијата.
Берово е град што примамува туристи во зимските месеци, кога најубава зимска идила може да се доживее само во оваа општина, поради тоа што е сместена на падините на Малешевските Планини. Изобилува со природни убавини, кои сме навикнати да ги гледаме само на фотографии на далечни дестинации. Оваа општина е позната по вкусна храна, особено по беровскиот компир и сирење и здравиот мед.
Делчево
Жителите на општината Делчев, на локалните избори што се одржаа неодамна својата поддршка по вторпат му ја дадоа на кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Горан Трајковски.
Како што информира тој, во следните четири години планира реализација на околу 150 проекти, од кои 60 се директно насочени кон подобрување на квалитетот на животот во руралните населени места во Делчево.
Некои од нив се инвестиции во чиста вода за пиење и реконструкција на делови од водоводната мрежа, доизградба на современ градски пазар во Делчево, изработка на проект за водоснабдување на Голак и изградба на нова детска градинка во населбата Расадник. Како негови приоритети се и изградба на скејт-парк и две фонтани во централното градско подрачје, изградба на пречистителна станица за отпадни води, за заштита на животната средина, како и заштита на реката Брегалница од отпадните води.
Во Советот на Општина Делчево, кој има 15 члена, осум советници се од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, шест советници се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, додека еден советник е од Левица.
Делчево е една од општините лоцирани во пограничните делови. Конкретно оваа општина се наоѓа на границата на Македонија со Бугарија. Делчево изобилува со значајни наоѓалишта на метални, неметални и енергетски минерални суровини, кои се значаен потенцијал за развојот на општината. Жителите се занимаваат и со земјоделство, а земјоделското земјиште зафаќа 46 проценти од вкупната површина на општината Делчево. Според својата географско-топографска положба, поволни климатско-почвени услови, расположливи пасишта и ливади, општината располага со предуслови за развој на овоштарството и сточарството.