Пожарот кој во петокот попладне избувна кај село Букојчани, Кичевско е локализиран и не постои опасност од негово натамошно ширење. При овој пожар беше зафатена ситно стеблеста и деградирана шума и сува трева, а беа опожарени повеќе хектари површина на оддалеченост од околу еден километар од самото село. Екипите на ШС „Лопушник“ за цело време беа крај огненото жариште и по речиси дводневни напори успеаја огнот да го стават под контрола.

-Пожарот кој пред два дена избувна на еден километар од село Букојчани е локализиран. При овој пожар беше зафатена поголема површина на ситно стеблеста шума и сува трева. Поради ветерот пламенот брзо се ширеше, но со наша континуирана акција како и на екипи од другите субјекти задолжени за пожари, огнот е ставен под контррола и спречено е негово понатамошно ширење. И за овој како и за сите досегашни пожари единствен фактор е човекот, бидејќи луѓето не се придржуваат кон упатствата, да не се пали оган на отворен простор, како стрништа и други тревнати површини- информираа од ШС„Лопушник“ од каде будно се следи состојбата на терен.

З.А.