На влезот на црквата е фреската посветена на Кирил и Методиј од 1936 година

Прилеп

Во подрумот на прилепската црква „Св. Кирил и Методиј“, или меѓу народот попозната како параклис, во центарот на градот, се наоѓа костурница во која почиваат загинати српски војници од Првата светска војна. Точен податок колку војници биле погребени тука не се знае, но се претпоставува дека има од 4.000 до 5.000.
Старешината на црквата, отец Веле, вели дека колку што можат се грижат костурницата да не се распаѓа. Имаат проект за заштита, но досега никој не пројавил интерес да се заштити оваа костурница, ниту нашата држава, ниту пак има некакви најави од страна на српската држава.

– Има групи што доаѓаат од Србија, разгледуваат, велат дека ќе побараат од нивната земја да се погрижи за споменот да биде достојно уреден, но засега нема никакви најави. Подготвивме проект за заштита, но засега и за тоа не можеме да обезбедиме пари. Колку можеме, се грижиме за неа – појаснува отец Веле.
Црквата „Св. Кирил и Методиј“ е градена во повеќе фази, во периодот од 1926 до 1936 година, во непосредна близина на стар параклис, кој бил подигнат во 1884 година.
Според историските податоци, градбата на црквата била почната по иницијатива од свештеникот Алекса Кочовиќ, кој тогаш бил претседател на српската црковна училишна општина.

Жителите што го населувале маалото, познато како Варошко Маало, го отвориле тогаш параклисот, при што почнал редовен богослужбен живот. Подоцна на групата ѝ се приклучил и поп Спасе Игуменов, кој формирал црковна делегација, која преговарала со цариградскиот патријарх и апостолскиот нунциј во Цариград за да се реши проблемот со македонското црковно прашање, но и наедно за градба на црква.
Во 1924 година битолскиот епископ Јосиф (Цвијовиќ) ги осветил темелите и почнала изградбата на црквата посветена на св. Кирил и Методиј.

Црквата била осветена во 1936 година, од тогашниот охридско-битолски епископ Николај (Велимировиќ).
Градена е по проект на српскиот архитект Момир Коруновиќ, кој во стилскиот изглед на фасадата применил моравски стил и својот личен таканаречен национален романтичарски стил, со полукружен тимпанон над задниот влез во рустичен стил. Изградена е на триконхална основа, во форма на крст. На влезот е фреската посветена на Кирил и Методиј од 1936 година. Припратот и олтарскиот простор од наосот се одделени со столбови. Храмот има скромен иконостас, кој не е споменик на културата. Во 2006 година е довршена градбата на куполата на црквата, која своевремено поради немање финансиски средства не била изградена, а потоа е и живописана во еден дел.

Интересно е дека црквата има речиси 80 икони, кои се прогласени за споменици на културата. Претежно ги изработиле непознати автори, а дел е од познатиот иконописец Јован Прилепчанин, како што е Воведението Богородичино од 1881 година, кое треба да се заштити и конзервира, бидејќи има оштетување на бојата.
Меѓу постарите икони е и „Богородица со Христос“ од 1869 година од непознат автор. Јован Прилепчанин, покрај 15-те други икони, автор е и на „Св. Методиј и Кирил“ од 1892 и на „Богородица со Христос“ од 1887 година.