Кичево
По речиси три и пол месеци, коцкарниците во земјава ги отворија вратите за играчите на среќа, кои едвај го дочекаа овој ден, повторно да се најдат на омиленото место. Како и во сите градови така и во Кичево, и покрај засилените иницијативи со кои се бара нивно намалување, па дури и целосно укинување, овие објекти за игра на среќа и во услови на ковид-19 повторно проработеа. Беше видливо дека играчите ги нема во толкав број како порано.
– Повторно сме на работа, но за разлика од порано, сега треба да се исполнат повеќе протоколи, за да не дојде коронавирусот до нашите вработени или до играчите на среќа. Најважно е постојаното одржување како на личната хигиена така и на хигиената на работните простории. Континуирано се дезинфицираат подот и апаратите за игри на среќа. По секое напуштање на некој играч истите тие целосно се дезинфицираат и ако има поголем број играчи во исто време, помеѓу нив се ставаат паравани. Инаку растојанието помеѓу играчите задолжително мора да биде најмалку метар и половина – велат вработени во една од коцкарниците и посочуваат дека додека демне опасноста од ковид-19 мерките и протоколите целосно ќе се почитуваат.
Речиси со сличен вокабулар ни ги предочија подготовките за работа и во други коцкарници во градот. Истакнуваат дека целосно ќе ги почитуваат протоколите, а секој што сака да игра ќе мора на себе да носи заштитна маска, како и вработените. Ништо не се препушта на случајот, со јасна цел да не дојде до ширење на коронавирусот, посочија вработени во друга коцкарница во средиштето на Кичево.
Очигледно, ниту коронавирусот не може да ги оддалечи некои од граѓаните од местата што се најдоа на жестоки критики од противниците на работата на овие објекти, особено во урбаните средини. Колку ќе успеат да останат надвор од дофатот на коронавирусот, зависи од придржувањето до пропишаните мерки, а колку ќе одолеат на ризикот од хазардот зависи исклучиво од нив.