КАРПОШ
Во пресрет на почетокот на новата учебна година, Општина Карпош од денеска започнува кратка информативна кампања на социјалните мрежи, во која за новиот почеток ќе разговараат ученици, наставници и родители.
Тие ќе споделуваат свои размислувања и ставови за начинот на кој треба да почне учебната година, проблемите со кои биле соочени изминатиов период и слично. Кампањата е насловена „Нов почеток“, а ја најави градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
„На први октомври, дел од вас ќе се вратат во училишните клупи, на работните места. Детската насмевка и авторитетот на наставникот, овој пат ќе бидат покриени со маска, но така ќе бидеме заштитени и безбедни.
За сите оваа учебна година е ново искуство. Затоа повикувам на одговорност, почитување на заштитните мерки и многу трпение. Знам дека сите нѐ умори оваа пандемија, но само со придржување до протоколите ќе успееме да го вратиме безгрижното секојдневие. Маските ни го покриваат лицето, но никој не може да ја покрие нашата желба за нови знаења, другарства и убави моменти“, напиша Богоев во својата објава на Фејсбук.
Во Карпош се направени целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на училиштата. Во сите десет образовни установи се поставија упатства и мерки за учениците, наставниот кадар и за родителите. Голем дел од училиштата адаптираа и нови училници, за поголема безбедност за сите. Набавена е и ИТ-опрема за наставниците, кои овие денови се обучуваат за работа на националната онлајн платформа.