Кичево
Покрај тоа што во Кичево се затворени локалите, казината и обложувачниците, речиси цела недела привремено клуч на врата ставија и берберите, како превенција од можна зараза од коронавирусот, кој е сѐ поприсутен во земјава. Така, сите што планирале да се средат периодов, па дури и за велигденските празници, ќе мораат оваа година да го прескокнат традиционалното разубавување.
– Како и сите занаети и занимања што се поврзани со директен контакт со луѓе, така и ние, машките фризери, превентивно ги затворивме нашите објекти и така ќе биде сѐ додека се смири состојбата со коронавирусот во земјава. Свесни сме дека на овој начин трпиме и загуба, но здравјето и животот немаат цена и затоа нашите дуќани ќе останат затворени наредните четириесетина дена, по што очекуваме состојбата барем делумно да се стабилизира и ние да продолжиме да ги дотеруваме нашите сограѓани – вели еден од најстарите бербери во Кичево.
Неговото мислење го делат и повеќето негови колеги.
– Нашиот занает е поврзан со непосредни контакти со луѓе, со што директно сме изложени на ризик да се заразиме од опасниот коронавирус. Поради тие причини, подобро во еден период да затвориме, и по цена на намалени приходи, и да чекаме подобри времиња, за да можеме без стрес да му се вратиме на занаетот што ни обезбедува егзистенција – додава негов помлад колега.