КИЧЕВО

Откако пред три години во неколку наврати беа ограбени просториите на боречката организација од Кичево, здружението е оставено буквално на улица. Во инцидентите беа украдени компјутерите и сѐ што можеше да се продаде како старо железо, документацијата беше расфрлана на сите страни и веќе неупотреблива, а во меѓувреме објектот во кој беа сместени канцелариите на Сојузот на борците, го промени сопственикот, па здружението остана буквално на улица, реагира Зоран Стефаноски, секретар на здружението на Сојузот на борците од овој град.
– Немаме свои работни простории. Проблемите почнаа пред три години, кога нашата канцеларија, сместена во поранешната Команда на гарнизонот Кичево, во два наврата беше целосно ограбена. Беа земени двата компјутера, размонтирани двете термо-печки и продадени за старо железо и сѐ друго што можеше да се продаде беше однесено – вели секретарот Стефаноски и додава дека единствено успеале да ги спасат печатите на здружението и нивното знаме.
– Бидејќи зградата на Командата на гарнизонот ја презеде локалната самоуправа, не бевме повеќе во можност да го користиме овој простор. Се обидовме на сите начини да обезбедиме соодветен работен простор, најпрво во административниот дел во Центарот за култура, но поради киријата за користење на деловниот простор не можевме да добиеме канцеларии во овој објект. И секаде каде што се обративме за помош ни бараа кирија, а ние како здружение не остваруваме приходи – додава секретарот.