Печалбарите од кичевско се вратија во земјите каде што работат, откако претходно околу две недели престојуваа во земјава каде со најблиските ја дочекаа Новата година, и она најважното ги официјализираа врските на нивните најблиски со идните снаи и зетови и токму затоа зимава бројот на веридбите и вршачките беше многу голем.

-За разлика од летниот период кога бројот на свадби во нашиот регион е многу голем и се случува во еден ден да се направат и по три свадби. Во зимскиот период бројот на свадби е помал бидејќи одморот е пократок, времето е постудено а и присуството на печалбарите е нешто помало. Така ако бројот на свадбите во зима е многу помал, бројот на вршачките и веридбите е многу поголем, практично после овие веридби што се случуваат во текот на зимскиот одмор, следуваат многубројните свадби во текот на летото. Сите млади кои претходно се бендисале, својата врска ја официјализираат токму на зимскиот одмор- вели Рефик, менаџер во еден кичевски мотел.

Долги години Џевдет е менаџер во ресторан и неговото искуство е слично како и на претходниот соговорник.

-Не дека во овој период немаше свадби, но нивната бројка е неспоредливо помала за разлика од летниот период. Во зимскиот одмор се зголемува бројот на вршачки и веридби и младите кои се запознале во претходниот период, ја официјализираат својата врска токму околу Новата година. Веридбите најчесто се правеа дома, но имаше и такви кои според бројот на гостите наликуваа на вистински свадби. И овој циклус на зимски веридби и летни свадби и веселби, во нашиот регион се одвива повеќе од две децении- истакнува Џевдет.

З.А.