Деновиве од страна на АД Водостопанство подружница Битолско Поле во должина од 2.700 метри детално се чисти течението на реката Шемница, во атарот на селото Црнобуки.
Ова е првпат по 25 години детално да се острануваат од оваа река дрвјата, корењата и отпадот, велат од општината Битола.
Градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, денеска го посети селото Црнобуки и се сретна со локалното население.
Тие изразија огромна благодарност за чистењето на речното корито, со што се избегнува опасноста од поплави и излевање на водата. Посочија дека со санацијата на патот, исто така им се олеснува секојдневното движење.
Градоначалничката посебно го потенцираше позитивниот ангажман на локалното население, кое самоиницијативно презема низа активности за подобрување на условите во селото, а општината им излегува во пресрет за дополнување на нивните барања.
Тие разговараа и за останатите потреби на месното население, по што го посетија и подрачното основно училиште во кое се изведува настава од прво до петто одделение.
По средбата со месното население во Црнобуки, градоначалничката Петровска оствари работна средба со директорката на ОУ „Александар Турунџев“ во село Кукуречани, за да се запознае со тековните активности и евентуални проблеми при изведувањето на наставата, во новонастанатата состојба со ковид-19.
М.М.