Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија, на последната седница, ја донесе Програмата за спроведување на општите мерки за заштита и спасување на населението од заразни болести за 2020 година. Програмата е изработена врз основа на елаборат изработен од Центарот за јавно здравје на подрачната единица во Гевгелија. Некои од активностите предвидени со оваа програма, односно дезинфекцијата на улиците и јавните површини поради пандемијата на коронавирусот, веќе се спроведуваат од страна на надлежните служби одредени од општинскиот кризен штаб.
– Што се однесува до дезинсекцијата во Општина Гевгелија, ќе се спроведува во рамките на југоисточниот плански регион, и тоа со ларвицидно и теренско прскање против комарци, во согласност со нашите искуства, кои беа применети лани. Имено, градоначалниците на десетте општини од ЈИПР ги прифатија предлозите од нашата и од Општина Радовиш, наместо авионско, годинава на територијата на целиот регион прскањето против комарци да биде теренско. За таа цел, потпишавме Договор за извршување на групна набавка за заемна активност на општините за третирање против возрасни комарци и ларви од комарци во 2020 година на територијата на општините од југоисточниот плански регион – рече пред советниците градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Од Центарот за разбој на ЈИПР информираат дека постапката по јавниот повик е завршена, имало само една понуда од кавадаречката фирма „Лиса ком“, така што по евалуацијата и целосното завршување на постапката ќе биде потпишан договор. Инаку, според претходно изработениот план на активности, односно обезбедени буџетски средства во секоја општина, во Општина Гевгелија ќе бидат изведени две ларвицидни прскања и три прскања против возрасни комарци на целата општинска територија. Секоја општина заедно со економскиот оператор теренски ќе ја потврди површината за спроведување на ларвицидното прскање. Ќе ги определат точните жаришта за третирање на истите тие и ќе го спроведат третирањето на определената површина на територијата на својата општина.
Во врска пак со дератизацијата, во Општина Гевгелија во тек се активностите за организирање на првата пролетна акција за дератизација. Акцијата за уништување на глувците ќе се спроведе со поставување мамки во 1.400 шахти на територијата на Гевгелија и другите населени места. Пролетната акција треба да заврши до 15 мај, а за наесен е предвидена уште една акција за дератизација.