Околу 900.000 евра, или поточно 898.853 евра „тежи” прекугарничниот проект за управување со органски отпад.

Овој проект од ИПА програмата за прекугранична соработка во наредните две години заеднички ќе го реализираат јавното претпријатие „Комуналец” од Битола, „Комунална хигиена” од Новаци и движењето за околина „Молика” од Битола, а од грчка страна како партнери на проектот ќе учествуваат „Диадима С.А.” од Кожани, Центар за иновација и култура „Инополис” и Националниот технички универзитет од Атина.

Од вкупниот буџет 482.086 евра се наменети за партнерите од Битола и Новаци, а останатите за грчките партнери.

Со овој проект околу 325.000 евра ќе бидат наменети за активностите и набавака на опрема за ЈП „Комуналец“ Битола. Се надеваме на подигање на културата за селекција на био-отпадот, ќе се постигнат резултати во намалување на штетните гасови од био-отпадот. Ова јавно претпријатие на 2.000 локации ќе постави канти обележани со кафеава боја, во кои граѓаните и фирмите ќе можат да го ставаат био-отпадот.

„Комуналец” ќе го подига тој отпад, ќе го носи, со соодветно возило добиено од овој грант, на простор каде што ќе биде поставен компостерот и ќе се произведува компост. Компостот ќе се користи за потребите на расадниците и јавни зелени површини со кои располага претпријатието.

– Со овој проект ќе се подобри локалната политика на управување со приливот на био-отпад согласно насоките и политиката на ЕУ за намалување на овој отпад кој сега се одлага во депониите и негово подобро искористување за други намени – рече Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец” од Битола.
М.М.