Иако меѓу Македонија и Русија растојанието е големо, сепак низ вековите наназад голем број патници и намерници од Русија го посетувале Прилеп и патем оставале пишани траги како го виделе градот, неговата традиција, култура, јазик. Во записите, неколкумина автори го опишале Прилеп со сите негови убавини и мани, а забелешки оставиле за пазарот и за значајните културно-историски споменици, особено за манастирите „Свети Архангел Михаил“ и Трескавец. Најмногу записи за Прилеп, за панаѓурот и за манастирите оставил дипломатот Хитрово, кој бил руски конзул, а свои впечатоци забележале и архимандритот Антонин и професорот по руска дијалектологија Афанасиј Матвеевич Селишчев…
ПРИЛЕП ВО ЗАПИСИТЕ НА РУСКИТЕ ДИПЛОМАТИ И АВТОРИ (1)
Михаил Александрович Хитрово (1837 – 1897) бил дипломат и поет. Од 1861 до 1864 година бил руски конзул во Битола. Своите забелешки за посетата на Прилеп ги објавувал во статии во „Руски весник“. За Прилеп, Хитрово запишал дека лежи во котлина обиколена со полукружни ридови.
„Самиот град со ништо не се разликува од другите градови, слични на него во тогашното турско време. Пејзажот на градот не содржи никаква топлина. Има дива убавина. Планините што ја опкружуваат котлината се издигаат над бесплодниот предел. Од страната на рамнината Прилеп е опкружен со бесплодна земја, низ која има израснато изгорена трева низ која се провира песок. Во градот забележав мали куќи од плитари и глина, со нечисти криви улици и џамија со бакарна купола и тенко минаре. Во градот забележав високи тополи како пирамиди. Во Прилеп има една христијанска црква изградена во поново време. Црквата е широка, но неисполнета. Некои старини во неа нема, а не забележав богослужбени книги. Во градот има две училишта со тројца учители од кои една на словенски јазик. Можам да одделам дека во градот има три-четири убави куќи. Во една од тие куќи добив преноќиште. Кога пристигнав, домаќините не беа дома. Сите беа на панаѓур. Вратата ни ја отвори постара жена, не одведе во собата. Јас бев среќен што овој пат се куртулив од церемонијалниот прием. Собата беше чиста и удобна. Имав намера да се одморам, потоа да го разгледам убаво градот. Но мојата радост не беше долготрајна. Набрзо дојде домаќинот и нѐ запраша дали сме уморни, како сме со здравјето, дали добро сме патувале. По него дојде градоначалникот, потоа намесникот на митрополитот, свештеници, чорбаџии. Мојата соба се наполни со посетители. Ме почестија со благо и чаша вода и, се разбира, неизбежното кафе. Ги забележав обичаите при дочек. Секој сакаше да се поздрави со мене со наклон, а поздравот беше со пружање рака, по што се седнуваше на диванот со скрстени нозе.
Кога ќе седнеа, го земаа кафето, започнуваа да поздравуваат, а тоа го правеа со приближување на десната рака на градите и челото и велеа ’добре дојде‘“…
Конзулот Хитрово, за прилепскиот панаѓур забележал:
„Прилепскиот панаѓур се одржува еднаш годишно, како што велат на Мала Богородица, и трае околу еден месец. Две недели пред почетокот на панаѓурот од Битола до Прилеп сѐ оживува. Како вистински празник е. Се распнале шатори по патот и се нудат разни стоки, лубеници и дињи. Додека се движевме кон Прилеп, постојано сретнуваме товари со разни стоки, а колите беа впрегнати со биволи и коњи. Товарите ги предводеа телохранители облечени во убави костуми со цел арсенал за појасите“. Прилепската чаршија како и сите други во Турција, запишал конзулот Хитрово, се состои од лавиринт на покриени галерии, по чии страни се наредени мали дуќанчиња, еднододруго.
„Дуќаните се повисоки од галериите, но немаат врати и прозорци. Целата фасада е отворена. На раскрсницата на долгите галерии има басен со вода. Дуќаните во чаршијата се изградени слично како и нашите руски дуќанчиња. Долгите покриени галерии се темни. Од басенчињата течеше вода по нерамната калдрма, која беше лизгава, па љубопитен човек што сакаше да разгледува можеше во секој момент да падне. Кога стигнавме во чаршијата, имаше многу народ. Различен, од сите националности. Се разликуваа по начинот на облекување. Имаше различни ликови. Стари белобради Турци со огромни чалми, натоварени амали, не многу добро облечени војници, подзаспани забулени турски жени, Европејци, но и богати Арнаути украсени со злато и убави дебарчани. Имаше и Грци со црни облеки, тесни џамадани со црвени фесови. Сета оваа толпа викаше и се туркаше при влезот во чаршијата.
Тешко беше да се пробиеш низ многубројната маса од народ, но благодарение на услужните вооружени слуги, кои ги пратат патниците, ние успеавме да ги поминеме сите тешкотии. Трговците седеа со прекрстени нозе пред дуќаните и гласно тргуваа со купувачите, и тоа на различни јазици. За ненавикнато уво, ова чудно звучеше. Во хаотичен неред се слушаа многу јазици – на домаќините, турски, грчки, бугарски, влашки. Мислев како да сум во Вавилон. Во другиот дел од чаршијата беше уште погласно и сите викаа. Во овие дуќани видовме источна стока. Имаше дуќани со турски обувки и сошиени домашни костуми, бугарски дуќани со пиротски килими, а уште понатаму имаше дуќани со трговци Арнаути. Освен венецијанска стока, во дуќаните имаше ткаенини од природна свила, цел ред продавници за оружје, дуќани за изработка на сребро, бакар. Во еден агол забележав дуќанче за книги. Во неа освен црковни руски книги, имаше и српски и бугарски песнарки, историски книги издадени во Белград и во Константинопол, како и многу брошури, а пронајдов и детски учебници.“
(Продолжува)