Битола
Деновиве Битола, особено центарот на градот, кај градскиот часовник и Центарот за култура, речиси комплетно го смени својот лик и по сѐ личи на некој холандски град, каде што има безброј површини украсени со цвеќиња. Со насадени над 20.000 пролетни и есенски цвеќиња од сопствено производство јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во заедничка координација со Општината деновиве ја направи Битола како цветна градина.
Во рамките на проектот „Екоофанзивата“, кој заеднички го реализираат јавното комунално претпријатие „Комуналец“ и локалната самоуправа, на неколку локации во градот, а особено во центарот на Битола се насадени илјадници цвеќиња, а прекрасно е уредена и улицата Широк сокак.
Овој проект се изведува во рамките на програмата за уредување и обезбедување нови зелени површини на територијата на Општина Битола, како една од заложбите на локалната самоуправа. Паралелно со масовното садење цвеќиња, во Битола се изградени дури шест комплетно нови паркови со детски реквизити, каде што најмладите можат да играат и да се разонодуваат.
– Ме радува тоа што имаме ново, сериозно освежување на изгледот во нашиот град со новите цветни садници. Но она што повеќе ме радува е што ваквото освежување и разубавување се случуваат со заштеда од еден милион денари, затоа што годинава ЈП „Комуналец“ ги збогати капацитетите со кои располага.
Направи свои пластеници, каде што првпат цвеќето што се сади во толку големи количества е целосно нивно производство. Досега преку тендерски постапки се набавувало цвеќето за разубавување на градот, но овој пат исклучително е значајно да се каже дека сите цвеќиња што се засадени се производство на ЈП „Комуналец“. Нивна намера е во периодот што следува бројот на пластеници да расте, а тоа значи и раст на бројот на површини што ќе бидат разубавени на ваков начин. Останува сите ние граѓаните да го зачуваме сево ова што е убаво и збогатено – вели градоначалничката на Битола Наташа Петровска.
Од ЈП „Комуналец“, кој деновиве во повеќе реони во градот под Пелистер насекаде сади цветни алеи и гради неколку детски паркови, велат дека многу се позитивни реакциите на граѓаните.
– Добивме наплив од барања да биде уреден просторот пред нивните згради и во сите населби. Цветниот расад, сепак го поставуваме на места каде што веќе функционира системот за наводнување капка по капка, поставен годинава на сите локации каде што имаме нови цветни површини, затоа што само вака успешно ќе се зачуваат цветните насади. Разгледуваме и дополнителни простори со дополнителни површини каде што ќе може да поставиме ваков систем, а потоа и да продолжиме со засадувања. Намерата ни е да го прошириме пластеничкото производство следната година и да направиме нова соработка со граѓаните, за да можат да подигнуваат цвеќиња во одредено количество од кај нас – нагласува директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Паралелно со озеленувањето и разубавувањето на Битола, во градот на неколку локации последните денови се изградени шест комплетно нови паркови, кои се опремени со разни детски реквизити. На овој начин на граѓаните им е овозможено во непосредната близина на нивните живеалишта да имаат катчиња за рекреација, одмор и игра на децата. Ако се знае дека претходно со средства на пелагонискиот плански регион во Градскиот парк е изграден нов детски забавен парк, полека Битола создаде услови за игра и разонода на (нај)младите.
– Ова е почеток на акцијата, која годинава интензивно се реализира, затоа што сиот узурпиран простор што го имавме во минатото, кој беше нефункционален, оваа локална самоуправа е решена да го стави во поинаква функција, во функција на граѓаните. Шесте нови паркови се само почеток, а до крајот на годината ќе завршиме со поинаков изглед на опкружувањето на живеалиштата на нашите граѓани – најави градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Јавното претпријатие „Комуналец“ е реализатор на проектот „Екоофанзива“, а првиот човек на претпријатието, Богоевски, посочи дека активностите на терен се одвиваат на различни локации, на територијата на целата општина.
– Како јавно претпријатие извршивме санација на голем дел од постојните детски паркови во градот, но истовремено се одвоија и нови локации за паркови. Вклучивме и нови содржини, меѓу кои дваесетина детски композиции, а се опремуваат парковите и во руралните средини, како што е паркот во селото Кравари. Тој беше запуштен, а потоа беше уреден и беше поставена нова детска композиција. Имаме соработка и со приватни компании, во случајов имаме донација на канделабри, со што паркот има прекрасен изглед и во вечерните часови. За реализацијата на оваа фаза од проектот се издвоени 3.000.000 денари – истакна Богоевски.
Тоа што остави црна дамка на овој најнов еколошки проект за разубавување на Битола е вандалскиот однос на некои несовесни битолчани, кои ги крадат цвеќињата. Само за една вечер по нивното садење во центарот на градот беа откорнати над 700 цвеќиња, а според зборовите на првиот човек на ЈП „Комуналец “, Богоевски, бројот на украдените цвеќиња сега изнесува над 900. За да не се уништуваат цветните насади во Битола, од „Комуналец“ упатија апел до битолчани сите оние што сакаат да имаат цвеќиња во своите дворови или домови да дојдат во претпријатието и тие бесплатно ќе им подарат.