Деновиве голем број љубители на скијањето од Битола и соседните градови, Демир Хисар, Прилеп, Неготино, Кавадарци и Ресен се упатија кон ски-центарот „Нижеполе“.
Поради големите гужви сообраќајот на патот за ски-центарот „Нижеполе“ мораше да го регулира полицијата.
Голем број скијачи не успеаја да стигнат до ски-центарот, па мораа да се вратат назад. Густиот сообраќај придонесе да се создаде непрегледна колона возила, кои останаа заглавени на патот.
– Викендов имавме голем број скијачи од Битола и околните градови. Многу сме посетени зашто сите го посакуваа снегот. Љубителите на скијањето можеа да ги користат двата ски-лифта со капацитет од 700 скијачи на час – рече Горан Марковски, раководител на ски-центарот „Нижеполе”.
Редарска служба на ЈП „Стрежево“ цело време се грижеше за почитување на протоколите за заштита од ковид-19.
Сепак, некои несовесни граѓани не ги почитуваа мерките и не носеа маски.
– Самиот центар има ангажирано свои луѓе од ЈП „Стрежево”, кои се грижеа за почитување на мерките на ски-патеката. Но сепак скијачите треба и самите да покажат свест да се грижат за почитување на истите – вели Марковски.
Викендот вистинска атракција во овој ски-центар е ноќното скијање.
М.М.