И покрај тоа што е зимски период во кој вообичаено градежните работи запираат, општината Велес во моментов реализира десетина значајни градежни зафати во градот и населените места. Како што веќе информира градоначалникот Аце Коцевски, се работи на реконструкција на водоводни линии на улиците 8 Март и Богдан Каракостев. Овие проекти се дел од вкупно осум инфраструктури зафати финансирани од Европската инвестициска банка и Министерството за транспорт и врски.
Во моментов се финализираат градежните работи за реализација на сообраќајното решение кај ДОЗ, се врши тампонирање на банкини на улицата Шефки Муратов во Превалец. Фирмата „Изгрев инженеринг“ работи на патот во селото Сливник, каде што во моментов се изведуваат канали и банкини. Се работи на трасата на велосипедската патека и пешачката патека со паркинг, кои се дел од проектот „Смарт езеро Младост“.
„Гео инк“ работи на проект за санација на карпа на улицата Димко Најдов под градскиот саат. Тековно се вршат работи за сервисирање урбана опрема, поставување огради и ракодржачи на територијата на општината Велес.
Со финансиска поддршка од Агенцијата за млади и спорт се очекува овие денови да почнат градежните работи на градскиот фудбалски стадион. Обезбедени се средства во висина од 16 милиони денари.
Штом ќе дозволат временските услови, и Јавното претпријатие за државни патишта ќе ги воведе во работа изведувачите за санација на свлечиштето кај Долни дуќани. Проектот вклучува санација на свлечиштето, оштетениот дел од коловозната лента и изградба на потпорен ѕид помеѓу пругата и регионалниот пат.