БИТОЛА
Во иднина студентите со посебни потреби што студираат на Битолскиот универзитет, а кои се сместени во студентскиот дом „Кочо Рацин“, како и децата од ранливите категории, ќе имаат многу поповолни услови за сместување. Деновиве во Битола, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заедно со министерката за образование Мила Царовска, амбасадорката на Швајцарија, Сиибил Шутер, и градоначалничката Наташа Петровска, официјално го пуштија во употреба делот за сместување студенти со посебни потреби.
Просторот е комплетно реновиран, а е дел од проектот „Изградба на инфраструктура за социјална инклузија во Пелагонискиот Регион“ од страна на Министерство за локална самоуправа во соработка со швајцарската влада.
– Со адаптацијата на овој простор обезбедивме услови за едукација, информирање и инклузија на различни ранливи категории во регионот, како што се: деца со посебни потреби и нивните родители, млади лица со посебни потреби, а исто така ќе придонесе и кон воспоставување нови партнерства и синергии помеѓу сите чинители на социјалната инклузија во регионот и пошироко. По завршувањето на проектната имплементација, постигнувањето на целта на проектот ќе обезбеди поволна средина за давање психосоцијална поддршка на лица од ранливи категории преку креирање соодветни инфраструктурни услови за таа цел. Вкупната вредност на проектот е над седум милиони денари – рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Царовска кажа дека нејзина главна водилка низ процесот на образование е сите ученици независно од нивниот развој да имаат еднаков пристап до сите услуги во основното, средното и високото образование, но исто така и пристап до сместувачките капацитети.
– Овој студентски дом во иднина ќе го користиме како модел за пристапност, но исто така и за начинот на кој условите и целата внатрешна инфраструктура се поставени – рече таа.