фото: Зоран Антоски

На претстојните предвремени локални избори, што ќе се спроведат на 13 декември, во општина Пласница 76 граѓани болни и изнемоштени ќе гласаат во домашни услови, додека две барања не се прифатени од комисијата, од причина што не ги исполнувале условите. Овие лица чии барања се прифатени, своето демократско право на глас ќе го искористат ден порано, односно во сабота, кога дома ќе ги посетат избирачките одбори. Во оваа општина за гласање не е пријавено ниту едно лице заразено од ковид-19 .

– Во нашата општина на претстојните предвремени локални избори, во домашни услови побараа да гласаат 78 болни и изнемоштени лица, но комисијата на чело со лекар од општа практика, две барања ги отфрли од причина што истите не ги исполнувале условите, додека 76 лица ќе бидат посетени од избирачките одбори на 12 декември (сабота). Пријавените кои ќе гласаат во домашни услови се од сите 8 избирачки места, а најголем број лица во домашни услови вкупно 14, ќе гласаат на едно избирачко место во село Пласница. Осумте избирачки одбори во текот на саботниот ден ќе ги посетат болните и изнемоштени лица за да го дадат својот глас за новиот градоначалник на општината и кој на ова место ќе остане до редовните локални избори, што треба да се случат наредниот септември – истакна Едисен Зеќироски, претседател на ОИК за општина Пласница, каде на единствениот избирачки список се запишани вкупно 4 954 граѓани.

Инаку за предвремените локални избори се пријавени двајца кандидати и тоа од партијата ДУИ, Алија Јахоски и од Демократската партија за национално единство на Турците, Рамазан Шерифоски од село Лисичани.

З.А.