Јавното комунално претпријатие „Водовод“ – Битола, кое наскоро ќе одбележи 100 години од основањето, дури по еден век ќе добие сопствен објект.
Првиот човек на ЈКП „Водовод“, директорот Горан Козаров, деновиве најави дека ова јавно претпријатие наскоро ќе почне со изградба на сопствена управна и административна зграда, во која ќе бидат сместени сите служби на ова јавно комунално претпријатие. Новата административна и управна зграда, која ќе располага со 1.200 квадратни метри корисна површина, ќе биде лоцирана во просторот каде што сега се наоѓа дел на претпријатието, под железничката пруга.
– Минатата година, кога наплативме дел од побарувањата што ни ги должеа училиштата од Битола за неплатена вода, во износ од 12 милиони денари, одлучивме дека треба да направиме своја управна и административна зграда и повеќе да не бидеме потстанари и да плаќаме високи кирии.
Пресметките покажаа дека трошоците што сега ги издвојуваме за плаќање кирија и за одржување на овој објект, кој не е наш, се доста високи и дека со парите што ги добивме од Општината за неплатената вода на училиштата и со кредитно задолжување ќе можеме да ги сервисираме издвојувањата, како за изградба на објектот така и за отплата на кредитот што би го подигнале – вели првиот човек на ЈКП „Водовод“ Горан Козаров.
Според Козаров, вкупната инвестиција за изградба на управната и административна зграда би изнесувала 35 милиони денари.
Значајна помош во изградбата на управната зграда јавното претпријатие „Водовод“ доби деновиве и од локалната самоуправа, која со одлука на Советот на Општината, на седницата што се одржа онлајн, го ослободи претпријатието од плаќање комуналии за изградба на новата административната зграда во висина од четири милиони денари.
И покрај тоа што поради пандемијата на коронавирусот многу работи во Битола не се одвиваат според потребната динамика, сепак во ЈКП „Водовод“ забрзано работи на подготовката на инфраструктурата за изградба на управната зграда.
Инаку проектот за изградба на административната и управната зграда на ЈКП „Водовод“ е изработен уште во 2016 година, но тој до неодамна лежеше заборавен во фиока.
Уште по доаѓањето на раководната позиција како прв човек на ЈКП „Водовод“, Горан Козаров, покрај со другите, се зафати со реализација и на овој проект.
Според Козаров, сега ЈКП „Водовод“ е стабилно претпријатие, во кое драстично е подобрен не само начинот на работа туку и на функционирање на претпријатието, кои не беа земени предвид повеќе од 30 години.
Таквиот начин на менаџирање придонесе не само да се подобри финансиската состојба на претпријатието туку и да се намалат загубите на вода, кои сега изнесуваат од 20 до 25 отсто, но и да се обезбедат средства покрај за изградба на управната и административна зграда и за обнова на возниот и машинскиот парк и за набавка на нови возила и градежни машини. Драстично е подобрен скада-системот преку кој се контролира и менаџира водоводната мрежа.
Неодамна беше изработен мошне амбициозен проект во вредност од над три милиони евра, за поставување потисен цевковод од пумпната станица до филтерницата Дихово, а се врши геомеханички испитување за цевководот.
– Свесни сме дека ние самите не можеме да ги реализираме овие два најкрупни проекти од формирањето на претпријатието, но за тоа ќе бараме помош или од државата или некој грант. „Водовод“ неодамна набави втора баждарница, го асфалтира платото кај машинскиот парк, изградени се полици по светски стандарди за чување на цевките, гаражата за возилата и градежните машини е заградена со лим од сите страни, а изграден е и сопствен објект за миење на возилата. Наедно набавен е и нов агрегат за филтерницата. Во исто време е поставен хлоринатор, кој на критичните точки од скада-системот, кај Кукуречани и Могила го мери количеството хлор.
Во „Водовод“ особено внимание се посветува на замена на азбестните цевки со нови, поквалитетни. Иако со усвојувањето на законот, со кој Битола се прогласи за старо градско јадро, во голема мера е отежнато работењето на „Водовод“ за замена на азбестните цевки во битолските улици, од кои голем дел се заштитени со закон, сепак ЈКП „Водовод“ во изминатиот период во голема мера замени дел од азбестните цевки на водоводната мрежа, кои се штетни по здравјето на луѓето.
Според процената на стручните служби на ЈКП „Водовод“, во Битола имаше околу 25 километри азбестна водоводна мрежа. Сега таа, според нивните сознанија, изнесува околу 11 километри и се менува по секоја интервенција на водоводната мрежа.
За првиот човек на ЈКП „Водовод“ особен успех претставува електронското читање на водомерите.
– Со електронското читање на водомерите нема повеќе кражби на вода со вртење на водомерот. Сега секој инкасатор, кој со себе наместо тефтер носи телефон со посебен софтвер, ги слика водомерот и состојбата. И тоа е најдобар доказ не само за потрошеното количество вода туку и за евентуалните спорови – вели Козаров и нагласува дека водомерите досега се читаа трипати во годината, а сега тоа се прави дури четири пати.