БИТОЛА

Деновиве во битолското село Буково, на потегот од излезот на населбата Буковски Ливади до селото Буково, во должина од околу 1.500 метри, почна изградбата на колекторскиот систем. Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, директорот на КЈП „Нискоградба“, Методиј Силјановски, и задолжените екипи за изведба на колекторот деновиве ја посетија локацијата од каде што почнува проектот и ги запознаа присутните и локалното население со начинот и динамиката на работа.
– Вкупната инвестиција во овој дел ќе биде над 13.000.000 денари, средства на Општина Битола. Со неговата изградба ќе овозможиме подобри услови и услуги кон граѓаните од овој дел на Општината, бидејќи станува збор за село што е живо, со голема традиција и во близината на градот. Со овие активности ќе овозможиме и заштита на животната средина, а наедно и подобри услови за развој на руралниот туризам, кој претставува атракција во денешницата, кога зборуваме за туризмот. Со изградбата на колекторскиот систем во Буково продолжуваат градежните активности што досега ги изведуваше Општина Битола и со кои покажавме дека Општината се грижи за сите месности и населби во градот – рече градоначалничката Наташа Петровска.

Изведувач на работите за изградба на колекторскиот систем е битолското јавно комунално претпријатие КЈП „Нискоградба“, кое склучи договор со Општина Битола во вредност од околу 8.000.000 денари за изведба на фекалната канализација и колекторскиот систем.
– Со изведбата на колекторскиот систем ќе бидат прифатени сите фекални води од селото, а во иднина се предвидува, повторно во соработка со Општина Битола, да се изведе изградба на секундарна канализација за која проектот е изготвен – посочи директорот на КЈП „Нискоградба“, Методи Силјановски.