КИЧЕВО

Покрај другите проекти што се дел од годинашната програма на Центарот за култура во Кичево се и две драмски претстави, „Белото циганче“ од Видое Подгорец што ќе ја режира актерот Михајло Петрески на македонски јазик и драмската претстава „Непотизам“ на текст на Кристо Флоќи, а во режија на Раим Рамадани. Но за реализација на драмската претстава „Белото циганче“ пречка може да претставува бројноста на екипата на актери учесници во оваа драмска претстава, бидејќи во неа треба да настапат 20 актери, што се коси со протоколите за организирање драмски претстави со повеќе од тројца актери присутни на сцената.
Актерот и режисер Михајло Петрески е разочаран од можноста оваа драмска претстава да не добие зелено светло, и проектите, вкупно 50, кои во целост беа откажани поради пандемијата, а беа поврзани со Кичево како „Град на културата 2020“.

– Откако минатата година поради пандемијата не реализиравме ниту еден од вкупно педесет проекти, колку што беа предвидени со програмата за „Град на културата 2020“. Годинава пред реализацијата на драмската претстава „Белото циганче“ стои протоколот за организирање драмски претстави, каде што прецизно е нагласено дека драмските претстави не треба да бидат со повеќе од тројца актери на сцената во исто време и кои треба да одржуваат меѓусебно прописно растојание од два метри. Бидејќи драмската претстава „Белото циганче“ е со многубројна актерска екипа и не е возможно на сцената во еден момент да бидат два-тројца актери, можно е да не се реализира оваа драмска претстава – вели режисерот и актер Михајло Петрески.
Тој појаснува дека ќе се обратат до Министерството за култура да побараат наместо на овој драмски текст, да подготват драмски текст со помал број актери или да се откажат од подготовката на драмска претстава за годинава.

Режисерот на драмската претстава „Непотизам“ на албански јазик, Раим Рамадани, смета дека оваа драмска претстава може да ги исполни критериумите пропишани со протоколите за ковид-19, бидејќи ја сочинуваат вкупно пет актери и никогаш на сцена нема да има повеќе од три актери.
– Претставата на албански јазик „Непотизам“ ја изведуваат само петмина актери, кои во ниту еден момент нема да бидат заедно на сцената и оваа погодност остава простор да можеме да ја подготвиме во рамките на годинашната програма. Единствено постои дилемата околу составот на актерската екипа, дали улогите да ги одиграат поискусни драмски аматери или актерскиот тим да биде составен од млади актери претежно гимназијалци, кои имаат огромна желба да се покажат на сцена како големи таленти. Ова го велам од причина што и минатата година подготвивме друга драмска претстава со млади актери средношколци и која во целост ги задоволи вкусовите на многубројната публика – вели режисерот Рамадани.