По обилните врнежи од дожд, кои синоќа ја зафатија Битола и по целоноќните интервенции на терен од страна на екипите, денес увид на најпогодените локации во градот изврши битолската градоначалничка Наташа Петровска, заедно со директорите на јавните претпријатија.
– За жал во текот на вчерашниот ден, краткотрајно но сепак драматично, Општина Битола ја зафати невреме. Триесет и шест литри на метар квадратен наврнаа за само 15 минути, или во текот на 24 часа, 54 литри на метар квадратен, а само за споредба, во Прилепско наврнаа 12 литри на метар квадратен. Тоа потврдува дека бевме на удар на невремето. Но, веднаш, по првите повици, јавните претпријатија, вклучително и пожарната делуваа на терен, се одржа Кризен штаб на кој се информиравме што дотогаш е направено и се дадоа натамошни напатствија на делување. Се работеше во текот на целата ноќ на расчистување на критичните точки, а она што следува во текот на денот е расчистување и дезинфекција која е значајна, особено во овие околности – рече Петровска.
Надлежните служби во Битола во текот на ноќта веднаш по обилните дождови реагирале на терен со севкупната механизација.
Интервенциите се одвивале во населбите Карпош, Јени Маале, на влезот во Битола М5, кај бензинската станица на Лук Оил, кружниот тек на Дулие, Горно Оризари, кај училиштето Тодор Ангелевски, на улицата Дебарска во населбата Баир и на други локации по повик на граѓаните.
– Карактеристично и забележително беше тоа што веднаш по запирањето на дождот, од повеќето критични точки водата се повлече, што покажува дека сепак повеќе дискутабилна била поројноста на дождот, отколку канализациониот систем. Денес ќе имаме нов кризен штаб, на кој ќе имаме согледување за состојбата, но и да имаме целосна подготвеност за она што евентуално би следувало – посочи Петровска.
Битолчанецот Крсте Трајчевски, чија визба била целосно поплавена, а половично и неговиот автомобил, истакна дека овој проблем жителите на неговата улицата го имаат откако се затворил каналскиот систам поради изградбата на улицата „Железничка“ пред десетина години.
– Заврна голем дожд, дојде водата и нема кај да избега, зошто каналот, испустот према пругата е затворен. Со новиот пат кога го правеа, со новиот колектор, не пуштија цевка. Каналот ќе се наполни, кога ќе дојде оваа вода од нашата улица тој е веќе полн и водата нема каде да оди. Тоа е голем проблем кој ни го направија. Претходно си имаше канал, си одеше водата надолу. Но кога ја правеа улица Железничка пред околу десетина години ни го затворија и сега со секој поголем дожд имаме проблеми – рече Трајчевски.
Градоначалничката Петровска посочи дека општината на својата веб-страница денеска ќе истакне повик до граѓаните кои што претрпеле штети да достават барање, за по комисискиот увид да им се даде одредена помош.