Битола
Во наредните денови неколку битолски села ќе добијат нови асфалтни патишта. Иако многумина мислеа дека со завршувањето на предвремените парламентарни избори ќе престанат и градежните инфраструктурни активности, локалната самоуправа на Битола и по завршувањето на изборите продолжи со инфраструктурните зафати за асфалтирање не само на улиците во градот туку и во околните битолски села.
Со тоа на најдобар начин општината ги демантира сите што сметаа дека асфалтирањето на селата е само пред изборите и дека веднаш по нивното завршување градежните машини ќе бидат паркирани во своите бази. Но, на радост на жителите од околните села, асфалтирањето на улиците продолжува и во овие жешки летни денови.
Најпрво почнаа работите за поставување асфалт на патот Битола – Кажани, во должина од два километри. Вкупната вредност на овој зафат изнесува 13.000.000 денари. Проектот со кој се реализира асфалтирањето на регионалниот пат Битола – Кажани е финансиран од Јавното претпријатие за државни патишта, како дел од нивната програма, а градежните работи на терен ги изведува ЈП „Македонија пат“.
Деновиве локалната самоуправа ги почна активностите и за реконструкцијата на патниот правец од селото Кажани кон селото Маловишта, во должина од четири километри.
Патот на одредени делници се проширува, а во моментов се извршува финалната фаза на тампонирање и нагазување на теренот, пред асфалтирање. Патниот правец Кажани – Маловиште се реконструира преку Програмата за рурален развој, со средства во висина од 16,3 милиони денари. Важноста на овој патен правец кон Маловишта, на територијата на националниот парк Пелистер, единствено се однесува на развивање на руралниот туризам, посета на домовите, а истовремено и заштита на културно-историските споменици.
Паралелно со поставувањето асфалт на патниот правец Битола – Кажани, продолжи асфалтирањето и на улиците во селото Долно Оризари, каде што дури седум улици првпат ќе добијат асфалт.
Со реализацијата на овој проект, ќе им се овозможи на жителите од Долно Оризари да заборават на долгогодишните проблеми со кои се соочуваа низ годините, движејќи се до своите домови низ улици со кал во зима или прашина налето. Вкупната вредност на договорот за реализација на овој проект изнесува 4.696.063 денари, средства од буџетот на Општина Битола.
На донесување асфалт во битолските села се работи и на патниот правец за селото Доленци. Изведувач на активностите е фирмата „Јоска транс“, а во моментов се работи на улици во должина од 450 метри, односно на површина од над 1.350 квадратни метри.
Локалното население изрази задоволство од санацијата, а заеднички беа разгледувани и другите барања на жителите од Доленци во однос на натамошни инфраструктурни зафати.
– За оваа локална самоуправа, Битола не е само Широк сокак. Ние еднакво се грижиме за подобрување на условите на сите граѓани, не само во Битола туку и во околните села што гравитираат кон нашата општина.
Затоа ние настојуваме да ги подобриме условите за живот на жителите од околните села и се надеваме дека ќе донесеме асфалт во најголемиот број од нив – истакнуваат од локалната самоуправа на Битола.