KИЧЕВО

Традиционално, кичевскиот зелен пазар е меѓу најскапите во земјава, каде што цените и на почетокот на летото се како во рана пролет. Така, доматите денес се продаваат по цена од 70 до 80 денари за килограм, краставиците по 50 денари (поскапи од претходните недели), пиперките се нудат по 80 денари, спанаќот се продава по 50 денари, а до пред две-три години во ова време чинеше од 10 до 20 денари. Јаготките чинат од 120 до 150 денари за килограм. Единствено тиквичките се нешто поевтини, другите продукти се скапи и тоа е причината зошто граѓаните купуваат помалку и само она што е неопходно.
Наместо да имаме пониски цени на зелениот пазар секоја наредна сабота, кај нас работите одат обратно, секоја наредна сабота имаме повисоки цени и поскап пазар. Сегашните цени се исти како во рана пролет, кога сѐ уште не е вистинска сезона на зеленчукот. За да се снабдиш во доволни количества, не се доволни ни 1.000 денари. Ако само пазарот е толку скап, тогаш што ќе остане за другите намирници и сметки. Чудно е што на пазарот нема ценкање, туку тезгеџиите ти кажуваат цена и ти одлучуваш сам – вели Тоде Вељаноски, пензионер.
И покрај високите цени, посетата на пазарот е голема, а има и купувачи што имаат помош или пензии од странство и можат да си дозволат да пазарат без да ги интересира висината на цените.
Овој пазар е карактеристичен по тоа што, покрај посиромашните купувачи, има и такви што работат во странство или имаат солидни странски пензии и кои пазарат колку што сметаат дека им е доволно, без да мислат колку ќе ги чини тоа. Дури се случува да пазарат и цели гајби, особено во текот на летото, кога се на одмор – посочи Живко Ј.