Општина Битола го раскина договорот за паркирање на приватниот концесионер и одлучи плаќањето да го врши јавното претпријатие кое неодамна беше формирано.

Паркирањето во Битола во иднина ќе биде многу поевтино, изјави Зоран Дојчиновски, директор на новото јавно претпријатие за паркинзи, чиј основач е општина Битола.

Со новиот ценовник намалени се цените на услугите за сите три зони во градот.

Паркирањето во зоната „А“ ќе поевтини за 5 денари, а во „Б“ за 10 денари. Првите 15 минути остануваат слободни. Во зона „А“ цената за паркирање ќе биде 30 денари за два блок часови, а секој следен час ќе биде за 5 денари поевтин, односно 25 денари. Во зоната „Б“ цената ќе биде 20 денари за два блок часови, а секој нареден час ќе биде за 10 денари поевтин од претходниот. Паркирањето во зоната „Ц“ ќе биде 30 денари цел ден.

Поевтинуваат и цените за блокада на возилата од 1000 на 500 денари, изјави директорот на ЈП „Паркинзи“ Зоран Дојчиновски, според кој електричните возила ќе бидат ослободени од плаќање паркинг.

М.М.