И во периодот на технолошката револуција и драстично променетите животни навики на граѓаните во земјава, сепак една традиција продолжува да живее и се чини никогаш нема да се прекине, а тоа е традиционалната подготовка на домашен ајвар.
Тогаш сите се собираат крај ќумбето специјално изработено за оваа потреба и го подготвуваат ајварот, кој може да го замени секој дел од оброкот од предјадење до главен оброк. Цената на црвената пиперка ајварка годинава варира и во голема мера зависи од нејзиниот квалитет, количеството и местото кадешто се купува и како ја има се помалку на нивите и пазарите, така нејзината цена се повеќе расте.
-Иако се менуваат и прехранбените навики, сепак правењето ајвар е традиција која трае. Уште како дете во нашето семејство беше вообичаено од средината на септември до крајот на октомври да го подготвиме овој македонски специјалитет. Покрај чистиот ајвар само од црвени пиперки, правевме и правиме ајвар и со црни домати и со лути пиперчиња, за оние кои што обожаваат пикантни јадења. Традиција при правењето ајвар е да се собере цело семејство, па и пријатели од соседството и така во голем број да ја завршиме работата речиси незабележливо. Во некои сезони сме приготвувале и по 30 тегли ајвар, а денес претежно подготвуваме половина од оваа количина-вели Трајко Велкоски, жител на Кичево.
Чадот од ќумбињата и интензивната миризба се чувствува на сите страни и тоа е најдобар доказ дека во полн ек е сезоната на правење ајвар.
-Мирисот на печената пиперка и пржениот ајвар никогаш не се забораваат и затоа во текот на есента го подготвуваме традиционалниот македонски ајвар. Ако ние мажите сме најмногу ангажирани во набавка на црвената пиперка и загревањето на ќумбињата, за останатите операции, печењето, лупењето и пржењето на ајварот, најмногу се ангажирани жените, во повеќе случаи и соседките и така уз лаф муабет си ја бркаат работата, со повремени паузи за кафе ја завршуваат домашната задача. За проба на готовиот ајвар неизбежни дегустатори се домаќинките, кои му ја одредуваат соленоста, а потоа со тазе печено лепче сите застануваат на ред да го вкусат штотуку подготвениот ајвар, а тука предничат децата-вели Александар Трајковски.
Дури и нашите гастрбајтери кои живеат во странство и во овие земји каде што работат, со себе ја носат традицијата од правење на ајвар, па дури и локалните жители ги подучуваат како се прави овој македонски специјалитет, а добар дел од нив ги прифаќаат нашите навики и традиции и тие почнуваат со задоволство да го консумираат и да го подготвуваат овој наш бренд.
-Кога почнавме да правиме ајвар нашите соседи со љубопитност ја следеа оваа операција и кога ајварот ќе беше готов ги нудевме да пробаат и така по неколку години и тие ги променија навиките и сега и тие кон крајот на септември започнуваат со подготовка на овој наш специјалитет и барем во овој дел се чуствуваат како вистински Македонци и тие нешто од нас да прифатат -вели Јордан, кој со децении со семејството живее во странство.
Истите навики нашите иселеници ги пренеле и во срцето на Европа.
-Од почеток беше речиси незамисливо дека и традиционалистите какви што се Швајцарците, ќе ги прифатат нашите навики од правење на ајвар. Но како што одминуваа годините, така овој наш специјалитет се повеќе им се бендисуваше и во последните неколку години забележливо е дека нашите соседи посакуваат и тие заедно со нас да подготвуваат ајвар. Дури и дел од нив имаат доаѓано во земјава за да видат како нашите сограѓани го подготвуваат овој надалеку познат македонски специјалитет-вели Милан, кој повеќе од три децении живее и работи во Швајцарија.