Препокривањето на храмот, седиште на хераклејскиот епископ Климент, го реализира Заводот и музеј од Прилеп

Прилеп

Црквата „Св. Преображение“ во манастирот „Зрзе“ и камбанаријата имаат нов покрив. Проектот за препокривање на значајниот храм во манастирот „Зрзе“, кој е епископско седиште на хераклејскиот епископ Климент, го реализира Заводот и музеј од Прилеп, за што Министерството за култура одобри 300.000 денари.
Овие денови ќе се врши препокривање и на старата селска црква „Св. Никола“, долу под манастирот, каде што, како што вели Благоја Атанасоски, директор на Заводот и музеј, претходните години комплетно се заврши конзервацијата на многу значајниот фрескоживопис.
Манастирот „Зрзе“ се наоѓа на 25 километри од Прилеп. Сместен на рамнина, опколен со дабова шума, е вистински рај и место за посета. Освен храмот „Св. Преображение“, граден во 13-15 век, манастирскиот комплекс, во кој со години се вложуваше за да стане привлечна дестинација за развој на манастирскиот туризам (за што се изгради и пат), е дополнет и со малата црква, посветена на св. Петар и Павле, камбанаријата и со нови монашки конаци.

Црквата „Св. Преображение“ е еднокорабна црква, со полукружна внатрешна апсида. Подоцна била изградена и припратата, која исто така била живописана. Фреските се делумно зачувани. Највпечатливи се композициите на Рождеството Христово, Сретение… Стручни екипи на Заводот и музеј веќе работат на проект за нивна конзервација, кој би се реализирал в година.
Иконата на Пресвета Богородица Пелагонитиса, насликана од Макариј, е ретка и единствена на овие простори. Во црквата е копијата, а оригиналот се чува во Музејот на Македонија. За оваа икона се вели дека е смела и неповторлива интерпретација, со предание што и ден-денес се раскажува. Имено, кога јеромонахот ја поставил на иконостасот, иконата не останала на вообичаеното место. Па, така, сега стои од десната страна на иконостасот во црквата. Има поврзана легенда со ова што се случувало со иконата. Имено, кога Макариј молитвено ја запрашал мајката божја што се случува, му било одговорено дека „таа не сака да стои на место каде што ќе му врти грб на својот син“.

Овој простор во минатото бил многу поголем и бил фортификациски систем со ѕидини и одбранбени кули, за кои денес неми сведоци се остатоците. Под црквата се многубројните остатоци на монашките ќелии, бидејќи тука, според истражувањата што се вршеа, живеела поголема монашка заедница. Во минатото манастирот исто така бил епископско седиште, за што сведочат остатоците од базиликата наспроти сегашниот манастир, кој бил граден некаде во 15 век од монахот Герман, за што сведочи натписот на влезот на црквата, чиј покрив се реновираше.
Манастирот „Зрзе“ денес е дом на повеќемина монаси и на епископот Климент, кои тука ја продолжуваат традицијата на своите предци. Во дворот се гробовите на матушките Ирина и Параскева, монахињи од Русија, кои тука живееле подолги години и го пронашле мирното пристаниште додека живееле.