Општинската организација и 11 волонтери на Црвениот крст од Кичево, во изминатите четири месеци опслужиле 212 стари и снеможени лица, кои поради превенција од коронавирусот не се во можност сами да се снабдуваат со прехранбени артикли и лекови. Oваа обврска им ја завршуваат волонтерите на Црвениот крст и тие, по нивно барање, ги посетуваат во домовите, ги земаат нивните податоци и добиваат информација што им е неопходно. Откако ќе ги снабдат нарачаните намирници, волонтерите се враќаат во домовите на старите и снеможени лица и им ги доставуваат порачките.
– Општинската организација на Црвениот крст од Кичево и 11 волонтери, од почетокот на пандемијата на коронавирусот сме вклучени во хуманитарна помош за набавка на храна, лекови и други намирници на стари и снеможени лица од нашиот град, кои од превентивни причини не се во можност сами да ги извршат набавките. Така, во изминативе четири месеци од наша страна и од страна на нашите волонтери се опслужени 212 стари и снеможени лица, на кои им беше неопходна нашата помош.
Покрај оваа хуманитарна активност, имаме извршено и дистрибуција на 497 пакети со храна и 410 пакети со средства за хигиена на ранливи категории, семејства и поединци. Во исто време имаме доставено и 14 онколошки терапии на лица, бидејќи тоа го бара нивната болест. Овој начин на хуманитарна работа и помош на нашите сограѓани ќе продолжи сѐ додека трае пандемијата на ковид-19 – истакна Бесник Селими, секретар на ОО на Црвениот крст од Кичево.
И волонтерите се презадоволни што можат со својата активност да им помогнат на своите постари и снеможени сограѓани.
– Од досегашното искуство од терен , се имаме сретнато со повеќе категории на лица на кои им се неопходни нашата помош и поддршка, така што можам да кажам дека од досегашното волонтирање и средби со старите лица искуствата се многу позитивни. Низ долгогодишното волонтирање сме имале разни искуства и секакви моменти, но во најголем дел преовладуваат и ги паметиме позитивните искуства – вели Елена Кузманоска, волонтерка на Црвениот крст од Кичево.
Граѓаните што имаат потреба од ваков вид хуманитарна помош и натаму можат да се јавуваат на телефонскиот број на Црвениот крст, секој работен ден од 8.30 до 12 часот.